Барателите на азил од Македонија биле најбројни меѓу тие што поднеле барање во Хамбург и што доброволно ја напуштиле Германија минатата година.
Станува збор за 93 лица, две повеќе од Албанија, следува Србија со 76 луѓе што доброволно си заминале, па Авганистан со 59 итн.
Според одговорот од Сенатот на прашањето од демохристијанката Франциска Грунвалд, на барателите на азил од Хамбург за репатријацијата во 2017 година им биле исплатени вкупно 491.000 евра.
Вкупно, околу 600 регистрирани баратели на азил во Хамбург се упатиле кон странство во 2017 година, најчесто во нивните земји на потекло. Од јануари до крајот на март годинава уште 121 лице доброволно си заминале.
Во периодот од декември минатата до февруари годинава премијата за доброволно заминување била удвоена, па од 3.000 евра за тричлено семејство се зголемила на 6.000.
Бегалците добиваат максимална сума само ако решат да заминат пред крајот на постапката за азил.
Доброволното заминување, според властите, дури и со повисока премија е поевтино од депортацијата поради трошоците на Федералната полиција.