На Македонската православна црква – Охридска Архиепископија не и е потребен томос за автокефалност ниту од Српската православна црква, ниту од Цариградската патријаршија, која не ја прифаќаат баш сите помесни цркви како „Вселенска патријаршија“. Бесмислено е и контрапродуктивно да се бара нечија „милост“, некој да и биде „мајка“ или „татко“ на МПЦ, кој било и да дава автокефалност, која МПЦ ја има само по себе со наследувањето и продолжувањето на реално незгаснатата Охридска архиепископија.

Македонскиот народ веќе и даде самиот тој најавтентичен можен томос за автокефалност на својата црква на Македонскиот црковно-народен собир, одржан на 4 и 5март 1945 година во Скопје. Тој црковно-народен собир уследи веднаш по ослободувањето како одраз на сенародните стремежи и долгото чекање цели 178 години да се возобнови духовната и идентитетска закрилничка и заштитничка на македонскиот народ, откако во 1767 година цариградскиот патријарх Самоил издејствувал турскиот султан да ја укине Охридската архиепископија.

На овој исклучително значаен црковно-народен собир, кој претставуваше највисок чин на одразување на волјата на македонскиот народ во верско-духовната сфера, беше донесена Резолуција, која, покрај другото, ги содржи и следниве две клучни точки: „1. Да се обнови Охридската архиепископија, како Македонска православна црква, која нема да биде потчинета на која и да било помесна национална православна црква“ и „2. Да има свои народни епископи и народно свештенство, за да се запазат карактерните особености на македонскиот народ и тој да биде поблизок до својата родна Црква.“

Оваа Резолуција е тој томос, кој народот веќе и го даде на Македонската православна црква да биде автокефална. Овој вистински томос беше официјализиран на 18 јули 1967 година на следниот Македонски црковно-народен собор, одржан не случајно во Охрид, кога Светиот синод на Македонската православна црква (МПЦ), донесол одлука за прогласување автокефалност на МПЦ како наследничка на обновената Охридска архиепископија.

Се наметнува многу логично прашање: зошто македонските владици, односно Синодот на Македонската православна црква ја отфрла таа резолуција, како и веќе донесената одлука од 1967 година за прогласување на автокефалноста?! Зошто Синодот на МПЦ питачи де Бугарската Црква, де Српската црква да и бидат „мајки-цркви“?! На својата официјална интернет-страница оваа иста МПЦ многу јасно има напишано дека е наследничка и продолжителка на црковно-духовните традиции и на организираниот црковно-народен живот не само на Охридската архиепископија, туку и на автокефалната Архиепископија Јустинијана Прима од 5.иот век од нашата ера токму со седиште во Скопје и сега кој кому може да му биде „црква-мајка“?!

Зарем македонските владици денес заборавија на жестоките бугарски, српски и грчки црковни пропаганди на територијата на некогашната нераспарчена етнојазична територија на Македонија (имајќи ги предвид и Егејска и Пиринска Македонија, кога тие со сите усилија ги одмакедончуваа Македонците, за да бидат било Бугари, било Срби, било Грци, а само не Македонци?! Па што е друго денес „љубовта“ и „томосот“, што и го дава Српската православна црква на македонската, освен продолжување на тогашната српска пропаганда!

Зарем македонските владици денес заборавија дека Цариградската патријаршија и Самоил во 1767 година успеаја да се укине Охридската архиепископија, а денес Цариградската патријаршија и Вартоломеј ќе дава „томос за автокефалност“?! Со своите несфатливи постапки македонските владици самите се укинуваат како македонски архиереи, оти суштината на одлуката на Вартоломеј е дека се создава сосема нова православна црква, која што досега не постоела и која што нема да има право во своето ново име да го користи терминот ‘македонски’ и која била друга изведенка на зборот ‘Македонија’. Целосно исто препишано од „Преспанскиот договор“!

Од каде му право на патријархот Вартоломеј да им забранува на Македонците да ја именуваат својата православна црква како „Македонска?! Кој им дава право на македонските архиереи да сослужуваат со него на „богослужба“ во Истамбул (Цариград), која всушност во најдиректна смисла би била претставувала опело за еден покојник, за МПЦ-ОА, која ќе биде заменета со сосема нова црква, што нема да биде повеќе светилник на македонизмот?!

Архиерејскиот синод на МПЦ сосема неуко и беспотребно се вплетка и се заринка во геополитичките и црковно-хегемонските судири меѓу Цариградската патријаршија и Руската православна црква за тоа кој да биде „број 1“ во православно-христијанскиот свет. Синодот мора веднаш да се откаже од сите тие „автокефални комбинаторики“ и да си се повлече на периферијата, далеку од сите тие судири и да си продолжи со црковно-народниот живот во Република Македонија еднакво како и во изминатите 55 автентично-автокефални македонски години, трпеливо очекувајќи да дојдат подобри времиња. Кои и ќе дојдат. Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е суштински дел, една од најважните функции на македонскиот народен и духовен идентитет и таа мора тоа да остане. Сите народи на Балканот и во светот имаат и свои национални цркви, па зошто тоа не би смеело да важи и за македонскиот народ?!

Пишува Свето Тоевски