Не може да се стави знак за равенство меѓу македонскиот културен клуб во Благоевград и бугарските културни клубови отворени во Битола и Охрид.

Бугарските клубови носат имиња на докажани соработници на фашизмот (Иван Мијалов и Цар Борис Трети) што предизвикуваат вознемирувачки реакции во македонската јавност, а клубот „Никола Вапцаров“ во Бугарија е именуван по великан на пишаниот збор, поет, хуманист и антифашист, пишшува Јасминка Павловска во „Нова Македонија“.


Павлоска потсетува дека министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изјави дека бугарскиот клуб во Охрид и македонскиот во Благоевград не им прават услуга на двете заедници и дека не се во духот на пријателството и добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија. Но…

„Не може да се прави паралела меѓу отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, Бугарија, и бугарските клубови што никнуваат во Македонија. Во Бугарија, дејствувањето на Македонците во организацијата на клубови е барање на основни човекови права, додека бугарските клубови во Македонија се израз на дејствување на сомнителни кругови, кои со своите активности го фаворизираат фашизмот.

Различни се појдовните точки на македонските и на бугарските клубови,вели адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските организации во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Според него “идеологијата и целите на бугарските клубови што се инфилтрираат во Македонија се спротивни на сите цивилизациски стандарди, кои се официјализирани во актите на Обединетите нации и Советот на Европа, како регионална организација.

Секој што сака да направи паралела меѓу овие две работи има агенда да ги поткопа човековите права, владеењето на правото и демократските институции, како придобивки на антифашизмот“ – вели адвокатот Менкиноски.