Македонскиот бизнис реагира против Владата: Преку глава ни е од погрешните политики, таа нè казнува и со екстра-данокот

„Потребни ни се политичари, кои ќе сфатат што значи економија и на што се засновува таа. Преку глава ни е од погрешните политики и никаквата јавна одговорност.“ – реагираат во анализата на Дојче веле претставниците на македонскиот бизнис во врска со неспособноста на Владата да се избори со кризата, која се пожестоко удира врз малите фирми и врз средните и крупните претпријатија, кои остануваат незаштитени со вистински и делотворни мерки во услови на енергетската, финансиската и другата криза во нивното работење.

Покрај другото, во анализата пишува: Владата уверува дека успешно се справила со кризата, но нејзината поддршка во голем дел дојде предоцна за многу фирми, пред се помали. Затворени се дури 11.000 затворени правни субјекти од октомври лани и тоа покажува колкав е ударот од кризата, каков е реално ефектот од владините мерки за поддршка во справување со шоковите. Дел од бизнис заедницата се надева дека лекцијата е научена и годинава нема да се повторат грешките од лани. „Потребни ни се политичари, кои ќе сфатат што значи економија и на што се засновува таа. Преку глава ни е постојано да зборуваме за погрешните политики и никаквата јавна одговорност“ – реагира Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

На револт наидува и потегот на власта, која во вакви услови спроведува план за нов данок за екстра-профит во износ од 30 отсто, кој еднократно ќе треба да го платат фирмите, што направиле екстра-добивка во 2022 година. „Ако на Владата и требаат повеќе пари за антикризни мерки нека ги искористи своите механизми за наплата на даноци од оние, кои не плаќаат, нека се прошири даночната основа, за да се зголеми даночната дисциплина. Имаме сива економија од дури 28% и тоа се многу пари. А вака што се прави? Се сака да се земе од успешните и тоа не е во ред.“ – нагласува Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора од северозападниот дел на Македонија.

„Скоро три години трпиме штети, се справуваме со кризата со наши заштедени средства, ги поддржавме работниците да не останат без работа. Фирмите кои успеале да се трансформираат во криза со нови технологии, со освојување на нови пазари, сега се казнуваат. Ние сме против тоа. Наш став е дека треба да се одложи оваа мерка и да се побара друг начин за собирање пари“ – додава Исени.

Поголемите производствени капацитети, кои ја одржуваат економијата во живот, стравуваат и од продлабочување на енергетската криза. Стопанствениците укажуваат дека е крајно време да се дејствува и за отстранување на системските проблеми, кои го кочат бизнисот: „Енергетската криза можеби ќе ја преживееме, ама ако не ја решаваме системската, тогаш ќе биде тешко нам. Не смее веќе да се толерира основното незнаење за водење бизнис. Во јавната администрација има луѓе, кои не знаат како да работат, заради создавање подобра бизнис клима.“ – посочува Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.