„Не деј се тревожите, бе, Северномакедонци од б’дештата Западна Б’лгарија. Њама Европејски сојуз без френското предложение от б’лгарски происход, а? Туууууу! Еми какво ште правите сега?“
Еве што ќе правите. Прво, во најскоро време најнеспособната ви власт во македонската историја ќе распише предвремени избори најдоцна за в септември. Дотогаш ќе ги замрзнете сите активности околу евроинтеграцијата на Македонија и ќе ја чекате клоцата од избирачите. А потоа ќе се надевате дека за едно половина век Македонците ќе подзаборават што сè (не) им направивте, ако дотогаш не ве снема од политичката сцена.
Во меѓувреме, сите што ја гледаат својата иднина во Македонија ќе седнат и ќе изготват македонски предлог. Како одговор на францускиот. И во него ќе ги набележат сите црвени линии преку кои Македонија нема намера да оди, зошто со тоа би одела против себе и сопствениот народ.
Прво и основно, македонската држава треба јасно и гласно да ѝ стави на знаење на Европската унија дека не се откажува од евроинтеграциските аспирации, но не за сметка на своето достоинство и на нејзиното мото „обединети во различностите“. Ако за Макрон сме „Северномакедонци“, таква различност „мерси“, не ни треба. Нема што, баш убаво му прилега бугарскиот дрес, небаре е напаѓач на Лудогорец, ама Македонците си навиваат за македонската репрезентација.
Во македонскиот предлог мора да стои и оставањето отворена врата за придвижување кон ЕУ кога таа ќе се врати на своите изворни принципи од времето на Шуман за обединета Европа на слободата, на соработката меѓу народите, а не на условувањето, уцените и ништењето на посебноста на тие што сакаат да им се придружат. Ако сметаат дека им требаат Македонците, дека сакаат сојуз со нив такви какви што се, супер. Тука се од антиката до денес и никаде не одат. Знаат како и каде да ги најдат.
Башка, нели се сојузници во НАТО? Седат на иста маса со најмоќните во светот, како што ги убедуваа несреќине што раздадоа сè што им значи. Македонскиот глас во тој сојуз вреди колку и тој на САД, Велика Британија, Франција, Германија, зар не, северни Македонци? Плус тоа, со самото членство на Македонија, нели, гарантиран ѝ е територијалниот интегритет. Значи, нема опасност за границите, од никакви големодржавни проекти на македонска сметка, со самото тоа ни од отцепување во случај на поинаков курс.
Уште од срамната Лисабонска декларација од 16 декември 1991 година, кога тогашната Европска заедница ја услови државава дека ќе ја признае само под име што нема да го содржи зборот Македонија, политиката на Брисел кон ова парче македонска земја е кристално јасна. За Европејците, тука живеат Словени, кои немаат право да го темелат својот идентитет на славниот регион од кој Александар Македонски го обединил дотогаш познатиот свет. Оттаму и грчките, подоцна бугарските, а најсетне и француските сопки за Македонците.
В ред. Кај нив е силата, а сила Бога не моли. Затоа и не вреди да се удира главата в ѕид, туку да се има прагматичен однос кон реалноста. Како да се живее надвор од ЕУ? „Како и досега“, како што му дофрли Ахмети на Ковачевски. Каква-таква, Македонија цели три децении опстојува надвор од Унијата, па, сполај му на Севишниот, уште е тука. Внатре секако дека би било и поудобно, и потопло, и посигурно, но Македонецот видел и многу полошо, па пак нашол начин да преживее.
Македонскиот предлог треба да ги содржи позитивните искуства од соживотот со ЕУ на земјите што не се и не сакаат да бидат нејзини членки. Швајцарија, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, Андора прифаќаат и имплементираат многу од европските политики во однос на економијата, пазарот на труд, миграцијата и ништо не им недостига.
Македонија веќе има усвоено и спроведува значителен дел од европското законодавство и кој ѝ брани и понатаму да го прави тоа за свое добро, без оглед дали и кога би станала членка на ЕУ? Почитувањето на европските вредности во многу области не може да биде зијан за држава во развој, па што дека не е и формално дел од тој сојуз?
Да не се лажеме, правото на глас и на вето како рамноправна членка на ЕУ не му е секому загарантирано и во стварноста, како што покажува примерот на Словенија кога се обиде да ја запре Хрватска на европскиот пат поради спорот за границата. Уште помалку подлога има за уверувањето на наивните дека бугарското вето би опстанало без поддршка од членките заморени од проширувањето, на чело со Франција.
Македонија и Македонците конечно треба да се свртат кон себеси. Да поработат на враќање на своите гордост и самопочит. Првиот чекор кон тоа, кој нема да ги чини ама баш ништо, е повторно помакедончување на институциите. Во тоа не ги спречува ни Преспанскиот договор, колку и да е штетен, бидејќи придавката „македонски“ требаше да отпаѓа од насловот на државните и јавни органи и претпријатија паралелно со текот на преговорите со ЕУ.
Второ, мора да му покажат на Брисел дека се сериозни во борбата со корупцијата преку затворањето на сите што го прекршиле законот, без разлика на етничката или партиска припадност.
И трето, крајно време е за себичност во поглед на сопствените интереси, насочена кон развојот, пред сè економски, бидејќи не треба да си многу паметен за да увидиш дека богатиот секој го сака во друштво. Колај работа потоа за ЕУ.