Пијан возач на камион од Македонија во понеделникот попладне е исклучен од сообраќај на автопат во Германија и против него е поднесена кривична пријава откако сообраќајната полиција му утврдила 3 промили алкохол во крвта.
Малку пред 13 часот учесничка во сообраќајот на автопатот А3 меѓу Висбаден и Келн пријавила в полиција товарно возило што неконтролирано преминува од една коловозна лента во друга. Таа го следела до бензинската станица и одморалиште во Меденбах-Ост, каде што патрола на автопатната полиција што пристигнала извршила проверка.
Зад воланот се наоѓал видно пијан 52-годишник од Македонија, врз кој е направен алкохолен тест за здив, кој покажал речиси 3 промили. Полицијата потоа го однела возачот на крвен тест и му наплатила гаранција за обезбедување во кривичната постапка, по што го пуштила на слобода.