Во две посебни одлуки, Основниот суд во Лерин, официјално одби повеќе барања/тужби за поништување на првичната одлука за одобрување на барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик во Лерин.
Во соопштението од Центарот се потсетува дека на 27 јули 2022 година, барањето за регистрација на Центарот за македонски јазик како невладина организација/здружение беше одобрено од грчкиот суд, со што тој стана првата организација, која директно се грижи за македонскиот јазик, што е регистрирана и призната како таква од грчките државни органи.
Но, до Судот во Лерин беа доставени повеќе тужби од „трети заинтересирани страни” односно од неколку екстремнодесничарски организации и политички партии во Грција, додека едно од барањата за укинување на регистрацијата беше поднесено лично од јавниот обвинител на територијата на Леринската околија.
Првото од судењата беше одржано годинава на 16 февруари, на кое Центарот за македонски јазик ги претстави своите аргументи пред Судот, меѓу другото и со презентирање на докази за признавањето на македонскиот јазик од страна на грчката државата пред повеќе од еден век.
„Со историските одлуки од 16 март 2023 година, Основниот суд на Лерин ги одби барањето/тужбата на околискиот јавен обвинител, барањата поднесени од ‘Панмакедонскиот сојуз на македонската борба Грција-Австралија’ и ‘Панхеленското здружение на потомците на македономахите – Павлос Мелас’, како и оние поднесени од ‘Здружението за одбрана на Македонија и Тракија’, ‘Друштвото за македонски студии’, “Здружението Аристотел’, ‘Здружението на пензионирани армиски офицери’ и „Регионот Западна Македонија“.
Барања биле одбиени како неосновани, додека еден дел од нив биле квалификувани и како целосно неприфатливи. Со тоа, Центарот за македонски јазик во Грција останува законски регистрирана невладина организација во државата, соопшти Центарот.
Центарот за македонски јазик го изразува своето нескриено задоволство што после децениска борба, македоноговорното население во Грција доби позитивен судски исход во однос на неговите легитимни барања. Правото на слободно здружување конечно е достапно и уважено во однос на организација за подршка на македонскиот јазик.
Центарот за македонски јазик во Грција ќе продолжи да делува за постигнување на своите цели, кои вклучуваат:
– Изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција, преку интернет-страница.
– Поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и среди) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија, Источна Македонија и Тракија.
– Поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.
Центарот за македонски јазик во Грција ги поттикнува и охрабрува говорителите на македонскиот јазик да ја продолжат борбата за своите човекови права.
