Државјанин на Македонија е уапсен на автопатот „Тракија“ за превезување 130 килограми марихуана, соопшти на брифинг заменик окружниот обвинител на Пловдив, Галина Андреева-Минчева. Пратката патувала од Западна Европа до Турција.
Приведениот 47-годишен македонски државјанин веќе бил осудуван за шверц и бил пуштен на слобода во почетокот на 2019 година. Тој добил притвор од 24 часа, во очекување на обвинението. Предвидената казна се движи од 5 до 15 години затвор, парична казна од 20.000 до 100.000 лева (10-50 илјади евра – н.з.) и одземање на возилото со кое се превезувала дрогата.
Акцијата почнала по добиен сигнал во Државната царинска служба за претстоен транспорт на наркотични материи. Во доцните попладневни часови на 125. километар бил запрен автомобил кој се движел по автопатот ‘Тракија’ од Софија кон Бургас од вработени во Министерството за внатрешни работи од Пловдив. Утврдено е дека возилото е натоварено со 24 картонски кутии, од кои секоја содржела вакуумски пакувања со листови. Во 10 од нив има шест пакети, а во 14 пет пакети“, изјави директорот на МВР-Пловдив, Георги Чергов.
Секое пакување тежи околу еден килограм. Возачот од Македонија изјавил дека превезува чевли, а потоа оти не знае што превезува.
Истрагата продолжува во Софија, каде е извршен претрес на камионот од кој била натоварена стоката.