Македонски државјанин меѓу уапсените за милионски грабеж во Швајцарија

Швајцарската полиција приведе шестмина, меѓу кои и државјанин на Македонија, за милионски грабеж во продавница за накит во Луцерн извршен на 26 октомври.

Заедно со уште по двајца соучесници од Германија и од Црна Гора и еден од Босна и Херцеговина, тој е дел од групата осомничени на возраст меѓу 19 и 53 години, вклучувајќи и една жена, за грабежот во продавницата за часовници и накит „Губелин“ на „Шваненплац“ во Луцерн.

Двајца непознати мажи влегле во продавницата преку влезот на персоналот околу 8:15 часот и успеале да избегаат со богатиот плен вреден неколку милиони швајцарски франци. Никој не е повреден.

Полицијата од Луцерн, во содејство со кантоналната полиција од Цирих, обезбедила дел од украдените часовници, накит и пари.

Во тек се интензивни истраги и сослушувања за грабежот, соопшти полицијата во Луцерн. Истрагите ги води Секторот за специјални престапи на јавното обвинителство од Луцерн.