Македонски Бугари ја кодошат Македонија во Софија

„Моментот е историски. Денес се исцртува иднината на нашите деца коишто сакаат да бидат слободни и достоинствени граѓани на нашата држава и на ЕУ. Бугарија треба да биде цврста и упорна во поддршката на нашата кауза“, пишува во апелот на организациите на македонските Бугари што го објави БГНЕС.

Организациите на Бугарите во Македонија упатиле апел до бугарските политички лидери со барање за „заштита на нивните права“, а на апелот се потпишани Љупчо Георгиевски, Елизабета Најдоска Величкова, Добре Митрев, Владимир Перев, Владо Треневски, Столе Велков и Петар Колев.

Потписниците на апелот се задоволни од настапот на Бугарија на самитот во Словенија, бидејќи, како што велат, излегла високо исправена и на останатиот дел од Европа му кажала каде е клучот за натамошното проширување.

„Клучот е во рамноправноста на сите народи од регионот и на оние делови од нив, кои по силата на сложената балканска историја денес живеат во соседни држави, меѓу други народи. Ние, македонските Бугари сме дел од таков народ, со десетлетија оттргнати од својата татковина. Претрпевме многу маки, страдања и понижувања, но опстанавме и покрај насилната асимилација“, пишува во апелот.

Потписниците на бугарските политичари им порачуваат дека сакаат „тие и нивните деца да го знаат нивниот, бугарскиот јазик, да пеат нивни песни и да се чувствуваат рамноправни и горди заедно со сограѓаните, без оглед на нивниот идентитет“.

Откако обвинуваат дека „јазикот на омраза кон се што е бугарско, доминира во Македонија“, тврдат дека „секојдневен проблем им е да ги испраќаат децата на училиште, за да ги учат дека нивните роднини се фашисти, татари, монголи и што уште не“.

„Затоа, за нас јасната принципиелна позиција на Бугарија дека Северна Македонија може да започне преговори само откако ќе се решат проблемите со нашата рамноправност, јазик, традиции, историја, споменици и се друго што е поврзано со нашиот идентитет е не само важна, туку е надеж за спас и единствен пат кон помирување“, велат потписниците на апелот.

Тие бараат од Бугарија да опстои цврсто на својата „аргументирана и јасна позиција“, а, како што велат, важна е поддршката за нивното барање да бидат внесени во македонскиот Устав, и за нивното правилно пребројување зашто „биле многу повеќе од 120 илјади кои што имале чест да бидат и граѓани на Бугарија“.   

„Важно е оваа позиција да биде сфатена од сите членки на ЕУ, вклучувајќи ги оние на кои шаблоните на политиката на проширувањето им пречат да го видат очигледното. Ние, македонските Бугари, нашите права, идентитет и историја не можат да бидат предмет на преговори меѓу Софија и Скопје. Наше право и обврска пред нашите деца е да имаме своја улога кога се решава нашата иднина“, додаваат потписниците.

Во апелот се додава дека македонските Бугари се претставени од КЦ „Иван Михајлов“ – Битола, од Здружението „Македонско-бугарско пријателство“ – Скопје, Здужението „Трибуна“ – Прилеп, Здружението „Коридор 8“ – Скопје, Здружението „Интеракција“ – Охрид, Здружението „Единство“ – Кочани и други невладини организации, како и од политичката партија Граѓанско-демократски сојуз (ГДС).