Автобус на македонскиот превозник „Метак транс“ во петокот вечерта целосно изгоре во подметнат пожар во германскиот град Билефелд, а сопственикот Станко Цонев се сомнева на нелојалната конкуренција од диви таксисти со комбиња од Македонија.

„Од 18 декември почнавме да сообраќаме два пати неделно од Струмица за Билефелд како единствена регуларна автобуска линија од југоисточниот дел на Македонија до Германија. Се сомневам дека ова е одмазда од дивата конкуренција од Македонија, поврзана со корумпирани полицајци и цариници што ја штитат“, изјави тој за expres.mk.

Цонев веќе 11 години се занимава со овој бизнис и од Нова година се вратил со семејството од Италија со намера да работи од Македонија. Има девет автобуси и 15 вработени возачи, повеќето од пропаднатата „Македонија сообраќај“, вози и до Италија и сака да се прошири. Но, вели дека тешко ќе успее во тоа, бидејќи „во нашата држава ништо не функционира“.