Македонски артилерци пристигнаа на границата на Летонија со Русија

Едно одделение на Армијата на Република Македонија (АРМ), заедно со уште едно од Војската на Црна Гора (ВЦГ), се распоредени во составот на единицата на НАТО задолжена за засилување на одбраната на Летонија спрема Русија.

Според порталот „Балканска истражувачка мрежа“, тие опслужуваат по една хаубица со калибар од 155 милиметри и се вклучени во словенечкиот артилериски вод.

Девет артилерци на АРМ и десет на ВЦГ им се придружија на 36 офицери и подофицери на Словенечката војска (СВ), која во Летонија има распоредено хаубици ТН90, со максимален дострел од 23,5 километри, кои со ракетни проектили можат да достигнат дострел од 39 км.

„Од 2019 година во базата кај местото Адажи се ротираат на шест месеци црногорски војници, кои порано беа извидници, инженерци и припадници на атомско, биолошко хемиска одбрана (АБХО). Македонците досега имаа само одделение на АБХО во својата прва ротација од јуни до декември 2022 година“, се вели во написот.

Како дел од НАТО-мисијата „Засилена будност“, по еден вод на АРМ има и во Романија, и во Бугарија.