Македонски активист во Бугарија за заробениот Петков и државноОТРОВНИТЕ политичари во Скопје

Во интервју за Институтот за комуникациски студии еден од членовите на раководството на партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин Стојков Стојков меѓу другото обвинува дека дел од македонската политичка елита е државоОТРОВЕН, а не државотворен.

Стојков во интервјуто кое го пренесуваме делумно вели дека пред дојде во Скопје бугарскиот премиер Петков бил ,,заробен” од страна на радикалните бугарски политичари меѓу кои и претседателот Радев со што му била намалена можноста за компромиси.

Дел од интервјуто:

За жал, и новиот премиер на Бугарија е во коалиција со луѓе што сакаат да го реализираат сонот на Тодор Живков македонската нација да биде редефинирана на пробугарска основа и да се погребе прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Нивната девиза е сега или никогаш. Македонскиот народ е државотворен, но дел од неговата политичка елита е далеку од тоа, па дури е и државоотровен, вели во интервјуто за МКД.мк и Республика Стојко Стојков, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија.

Тој е чест гостин на македонските медиуми, но не и кај колегите во Бугарија. Од 2008 година, вели Стојков, никој од бугарските медиуми не го побарал за изјава, коментар, мислење…

Што има ново во бугарската политика кон Македонија со новата влада на Бугарија?
– Новиот премиер по моја проценка се обидува да најде излез од ќор-сокакот во кој Бугарија ја внесоа претходните влади. Тоа го прави преку дефокусирање од историските и идентитетски прашања и насочување на фокусот кон прашањата за инфраструктура и културна соработка, што е за поздравување.

За жал, тој е во коалиција со луѓе што многу силно држат до досегашниот формат. Тоа се луѓето што сакаат да го реализираат сонот на Тодор Живков македонската нација да биде редефинирана на пробугарска основа и да се погребе прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Нивната девиза е сега или никогаш. И навистина, тие никогаш нема да имаат друга шанса во таа насока. Затоа, пред да дојде премиерот во Македонија, беше „испеглан“ во Комитетот за национална безбедност и „ставен во пранги“ за да не може многу да маневрира, па дури мораше да ја повтори лагата дека во Бугарија нема македонско малцинство.

Мислите дека новиот бугарски премиер Кирил Петков не е дел од тоа?
– Веќе е – ја положи заклетвата кажувајќи дека македонско малцинство нема. Но тоа уште не значи дека нема да се обиде некако да ја деблокира Македонија, затоа што Бугарија исто така трпи многу сериозни последици. Едноставно, македонското малцинство нема да биде дел од што и да се договори за македонската евроинтеграција. Барем не во позитивна смисла.

И Вие го оценивте Договорот за добрососедство и пријателство како нерамноправен договор. Може ли таа оценка да се даде и за целокупната политика на Бугарија кон Македонија?
– Апсолутно. Бугарија се обидува да ѝ наметне на Македонија подреден, вазален статус. Бугарија сака таа да биде суверенот на Македонија, наместо македонскиот народ. Граѓаните на Македонија имаат усвоено Устав, кој ги задолжува македонските влади да се грижат за македонските малцинства надвор од македонската држава, а Бугарија сака да ѝ наметне на Македонија не само таа волја на македонскиот народ де факто да се поништи, туку дури и Македонија да ѝ се приклучи на Бугарија во негирањето на самото постоење на македонското малцинство.

Како го доживувате прифаќањето на тој пристап од страна на дел од македонските политичари?
– Како недозреаност, и полошо. Како дел од психологијата на навикнатиот да биде маргинализиран, патронизиран, па дури и понижуван. Како неодговорност кон луѓето што ги претставуваш. Македонскиот народ е државотворен, но дел од неговата политичка елита е далеку од тоа, па дури е и државоотровен.

Stojkov Del od makedonskata politicka elita e drzavoOTROVEN a ne drzavotvoren 2

Како, според Вас, треба да одговори македонското раководство на сите овие, би рекол, провокации од бугарска страна – Радев може да ги прима Бугарите од Македонија, а за Софија потегот на Пендаровски да разговара со вас е провокација, Бугарија бара бугарско малцинство во Албанија, а не го признава македонското кај себе, бара Бугарите да станат дел од македонскиот Устав, а не сака ни да разговара Македонците да бидат дел од нивниот Устав…
– Многу добро го формулиравте двојниот стандард што Бугарија сака да ѝ го наметне на Македонија. Македонија има обврски спрема Бугарија – Бугарија има само права спрема Македонија. Говорот на омраза против Македонија во Софија едноставно е нормален чин и вистина, а несогласноста во Македонија со тоа е – антибугарска пропаганда. Истото се гледа и од супериорната позиција од која се зборува за Македонија и македонскиот народ во Бугарија – тие се објект на перманентно исмејување и понижување.

Начинот на кој си дозволуваат да зборуваат бугарските државници за Македонија, за нејзиниот народ и за нејзините лидери е згрозувачки и надвор од секое пристојно воспитување. И очекуваат Македонија да се навикне и да го прифати ова како нормален однос. За таа цел се применува фашистичкиот систем на колективна вина и одговорност – ако еден Македонец изрази став против Бугарија (што, меѓу другото, е негово право), па дури и да е тоа анонимен корисник на интернет – тоа се интерпретира како говор на омраза, за што е одговорно целото македонско општество и целото ќе биде казнето со блокада на евроинтеграцијата. Секое мислење што не ѝ се допаѓа на Софија спаѓа во таа категорија. Па така ниту научниците во Македонија не би имале научна слобода, ниту Македонците не ќе можат да мислат и зборуваат за себе на начин што не ѝ се допаѓа на Софија. Македонските државници исто треба да се дресираат да не смеат да зборуваат за својата држава и за својот народ на начин што не ѝ се допаѓа на Бугарија.

Спомнете си како дури и некои невини изјави на Заев кон Македонците во врска со некои празници беа примени како провокација и скандал во Бугарија и придружени со повици да се казни Македонија. До таму оди апсурдот. Тоа едноставно не смее да се прифати и треба јасно да им се укаже на бугарските политичари. Ако Македонија дозволи да ѝ се наметне таков однос, таа докажува дека нема право, или барем капацитет, да биде држава. Треба да почне да ги поддржува Македонците насекаде по светот и да одржува и да поттикнува комуникација со нив во рамките на меѓународните правила и стандарди без да се сообразува со мислењето на Софија. Наскоро и Софија ќе почне да учи да не реагира како меански силеџија, туку да се однесува коректно и воспитано.

Како ги коментирате изјавите на македонските министри и премиери дека тие немаат право да се мешаат во внатрешните работи на Бугарија кога се зборува за почитувањето на основните човекови права?
– Тоа е изговор без реална содржина. Човековите права не се внатрешно прашање на државите.

Еве ја реалноста, на експертскиот состанок на ОБСЕ за правата на малцинствата одржан во Женева во 1991 беше формулирано правилото што се цитира како класично по тоа прашање: „Прашањата поврзани со националните малцинства, како и придржувањето кон меѓународните обврски и ангажмани за правата на националните малцинства, се прашања од легитимен меѓународен интерес и грижа и следствено не претставуваат исклучиво внатрешна работа на државите!“

Видете го и членот 1 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства: „Заштитата на националните малцинства и на правата и слободите на припадниците на тие малцинства е интегрален дел на меѓународната заштита на човековите права и, како таква, претставува област на меѓународната соработка.“ Македонија има основа да го прави тоа, дури има и уставна обврска да го прави. Тоа е нормална практика меѓу државите – видете што прави Бугарија. И на крај, договорот од 2017 година реално и не го забранува тоа. Македонија има право да ги штити своите државјани во Бугарија. А не е мал бројот на Македонците овде што имаат македонски државјанства. Како јас, на пример. Каде е тогаш проблемот? Македонската влада се плаши.

Сето ова се лоши знаци. Добрите се дека сепак се избегнаа некои од срамните прашања и се демонстрираше позитивна енергија, што е нешто, но не е многу. Веројатно единственото што може да се види како генерално позитивно беа изјавите на претседателот Пендаровски дека има македонско малцинство во Бугарија и дека барањето да се стават Бугарите во Уставот на Македонија е мешање во внатрешните работи на Македонија. Единственото нешто со што не се согласувам е прашањето дека правата на малцинствата се внатрешни работи на државите, но барањето една земја да си го менува Уставот секако е мешање во внатрешните работи, а токму тоа го прави Бугарија со Македонија.

Целото интервју на овој линк

Новинар: Александар Дамовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.

Најчитани

„Нелогична и непродуктивна желба на ДУИ за премиер – Албанец…“

Ристески: Ако постојниот премиер се повлече, за да има нов, Албанец, тогаш тоа е оставка на целата Влада и треба нов мандатар