Македонскиот активист Гоце Панговски во анализа на бугарско – македонските односи во последниве 200 години ја открива генезата на последниот обид на Бојко Борисов и бугарските власти да го уништат Македонизмот кој не е под контрола и диктат на Бугарија.
Гоце Панговски
Денеска ви спремив еден специјален поздрав за тие што сте изненадени и затечени од сегашново бугарско негирање и посегање по македонскиот јазик.
Ако си мислевте дека тоа е од сега, или дека последниве небулози искажани од страна на безмалку сите официјални и неофицијални лица во Бугарија (претседател, премиер, министри, пратеници, лингвисти, историчари, новинари, итн.) за тоа како нашиот македонски јазик наводно бил „западнобугарски дијалект“ зачинет со србизми; или дека тоа е појава што од бугарска страна доаѓа само во деценииве после осамостојувањето на Македонија; или си мислите дека ова е можеби започнато во времето кога Бугарија практично беше сателит на СССР, владеена од Тодор Живков; или дека можеби со ова се почнало во времето на Втората светска војна кога Бугарија беше верна слугинка на Хитлер и окупира дел на Македонија; ќе мора да ве разочарам.
Бугарското негирање и посегање по нашиот македонскиот јазик и лагите и небулозите дека тој е божемно некаков западнобугарски дијалект измешан со српскиот јазик е појава која трае повеќе од 170 години.
Да, добро прочитавте, бугарскиве глупости за и околу македонскиот јазик се случуваат повеќе од век и половина!
Во прилог, по хронолошки редослед, ви доставувам само дел од објавените „критики“, посегања, негирања, навреди што Бугарите ги правеле индивидуално или колективно кон сите македонски дејци што се дрзнале да пишуваат, говорат или на било кој друг начин ја изразат посебноста на македонскиот јазик.
1. За јазикот употребуван од Јордан Хаџи Константинов-Џинот, „Цариградски весник“, октомври, 1851 г.:
„…Колку за јазикот на г-дин Јордана секој може да види зашто е толку различен од нашиот писмен и говорен јазик, зашто, кој било што првично ќе го прочита ќе му се види толку неразбирлив, но и сосема разнороден.
И вистина тој јазик, ако и да се чини бугарски, неговото суштествување, како и на нашиот е исто така земено од Црковниот писмен јазик, но сепак по вид, сиреч по изразувањето на зборовите и составот, има толку својства и особености што полесно може да научи да го говори еден инороден странец, а не истороден Бугарин–Да проштеваат скопјаните и тие што зборуваат исто како нив, зашто и тие не го разбираат и не можат да го зборуваат нашиот(бугарски) јазик.“
2. За јазикот употребуван од Владиката Партенија Зографски, „Цариградски весник“, јули, 1857 г.:
„…Ние спознаваме дека тој(Партенија) што не советува во Ц. Весник да го воведеме членот о, нему ако му се гледа противен стариот член тъ, тогаш такво ќе му се види и личното местоименување азъ и помошниот глагол щѫ щешъ ще. Нему поправилно ќе му се види ја место азъ, кьемъ (какошто и пишува) наместо щемъ и др. којшто се изрази својствени за српскиот јазик.“
3. Повторно за јазикот употребуван од Владиката Партенија Зографски, „Блгарски Книжици“, септември, 1858 г.:
„…Кратка Свештена Историја, преведена, се гледа од грчки и напишана на бугарско македонско наречје, една смеса од бугарски и српски.
…
Отец Партенија, на кого што со голема почит му ја целуваме десницата, нека дадат воља да забележиме, дека си нема место да пишува некои книги за целиот народ на едно месно наречје, а попрво треба да гледа како говорат повеќето души и така може да се ползува и да биде полезен.
Во Началното Учение за Децата освен букварот на крајот се наоѓа и прилог со наравоучителни совети на 35 афоризми, напишани и тие на бугаро-српско наречје…“
4. Во еден божемен „родољубив (читај=бугарски) совет“ кон Македонците објавен во „Цариградски весник“, ноември, 1862 г.:
„Ве молам браќа МАКЕДОНЦИ!
Вие ми се чини дека со горделив презир гледате на вашите браќа: Бугари и Тракијци, кога не им ги одобрувате учебните книги, и итате со голема брзина кон србизмот…“
5. Во писмо, критика кон Кузман Шапкарев весник „Право“, ноември, 1870 г.:
„…Во Охрид, нему роден град, не знам до која мерка успеал г-дин К. Шапкарев да ги одврати Бугарите од нивните браќа, но потврдено ми кажаа дека таму повеќе бујствувал, и за таа цел за содружник го имал неговиот брат. Првите зборови на омраза кон се’ бугарско биле: „едвам се ослободивме од Грците, сега пак Шопје ли да станеме“!!!
Од се’ што кажавме тука се разбира во каква пропаст сака да го втурне нашиот народ споменатиот господин; зашто некои се дрзнаа да велат: „ние сме Македонци, не сме Бугари“…
– забелешка под писмото од редакцијата на весникот:
*) И друг пат сме слушнале од патници за некои од учителите по Македонија и имено за г. Шапкарев, којшто се трудел да ги убеди нашите македонски браќа дека друго било Бугарин и бугарски јазик, а друго Македонец и македонски јазик…“
6. За борбата на Македонците македонските деца да учат на македонски јазик се споменува и во книгата на Стефан Салганџиев „Лични дела и спомени по возраждането на солунските и серки блгари“, 1906 г.:
„…Во тоа време (1868-1869) беше завеал оној ветер, на одамна замислениот план на некои учители од западна Македонија, според кои што македонската младеж требало да се ограничи да се учи и развива исклучиво на македонското наречје и за таа цел започнале да издаваат и издадоа неколку учебници на тоа наречје…“
7. Бугарскиот преродбеник Петко Р. Славејков во својата статија „Македонското прашање“ во весник „Македонија“, јануари, 1871 г.:
„…За да придадат сила на своето произволно основание, македонистите ја посочуваат разликата на македонското и горнобугарското наречје, од коишто (тврдат дека) првото било поблиску до словенскиот јазик, а второто било размесено со татаризми и др. Нам не ни се сакаше да веруваме во ваквите посочувања како што не му се верува ни на читателот, но бевме принудени да поверуваме, кога видовме со каква упорност тоа се заштитуваше од страна на македонистите. Нашите зборови дека различноста на наречјето ништо не покажува, дека тоа е заради следствието на историските околности, а не на различно потекло–тие зборови ништо не помагаа. Македонистите пак беа упорни во своето…“
8. За јазикот и целите на Македонците од „Младата македонска книжовна дружина“ во нивното списание „Лоза“ (голем дел од нив по официјалното државно бугарско растурање на дружината, забранувањето на списанието, и нивно апсење, станаа директни или индиректни основачи и членови на Македонската Револуционерна Организација), весник „Свобода“, февруари, 1892 г.:
„…од се’ се гледа дека работата не стои така: луѓето тука имаат други цели — да создадат нов литературен македонски јазик. А дека тие не можеле да ја напишат „Лоза“ на тој јазик — тоа е зашто не го знаеле добро татковото наречје.
Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам, којшто природно го влече по себе и политичкиот…“
/////
Во продолжение, весник „Свобода“, март, 1892 г.:
„…Како што гледате „Македонската дружина“ смета дека нивната татковина е Македонија; дека таа е населена со посебно словенско племе наречено „Македонци“; дека таму се собрале „севозможни надворешни елементи“, т.е. Бугари, Грци, Срби и др. одушевени од своите планови и интереси; дека целта им е да нѝ дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите грабежнички посегнувања и дека на крајот „Лоза“ ќе ѝ служи на истата цел!! Како ви се бендисува?! — За таа цел ќе послужеле слободните капитали што ќе ги чувале во „Взаемно-помагателната каса на Македонците“ (види стр. 48) и списанието, чијшто наслов, програмата и насоката ќе се определат со решение на Дружината (в. чл. I, п. а од Уставот) т.е. полека-лека ќе ја подготвуваат бугарската јавност за одделување на Македонија од Бугарија и полека-лека ќе воведуваат зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Велика Македонија, на чело на којашто ќе дојде некој од редакторите на „Лоза“ во својство на Филип или Александар!?!…“
Сите фотографии и документи со кои Панговски ја поткрепува својата анализа се на неговиот фејсбук профил
https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=10223772270843405&id=1492956396