Фудбалската репрезентација на Македонија одигра одлично прво полувреме против Австрија и на фаворитот на хартија му покажа заби, затоа што резултатот на „Националната арена“ во Букрешт е изедначен (1-1), пишува Гол.мк.

Игор Ангеловски на премиерниот меч во нашата историја се одлучи да го стартува натпреварот со истиот состав и формација 3-5-2 (5-3-2) како во Дуизбург каде ја победи Германија во квалификациите за СП 2022. Немаше драстични промени, а онаа ротација во тимот беше прекомандувањето на Стефан Ристовски во десен стопер, а неговата позиција како десен бек ја зазеде Бобан Николов. Воведните 15 минути се играа доста динамично, немаше прекини, но исто така недостасуваа и сериозните шанси.

Македонија имаше неколку убави комбинации пред голот на Австрија, но недостасуваше она завршно додавање кое на најистурениот играч во нападот и лидер во екипата Горан Пандев ќе му овозможеше да влезе во шанса да го загрози противникот.
Австријците од првата шанса во 18. минута успеаја да дојдат до предност. Една длабока топка на Сабитцер заврши до Штефан Лајнер кој ѝ избега на одбраната, па биеше од прва во мрежата на Димитриевски. Три минути подоцна, Калајџиќ се најде во супер-можност, ама голманот на Македонија, Столе Димитриевски, спречи зицер.
Радоста на Австријците траеше кратко, поради една конфузија во одбраната. Сабитцер несреќно ја врати топката до голманот Бахман, но тој не се разбра со Алаба и тоа го казни најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, кој со леснотија ја стресе мрежата (1-1). Дадениот гол како да ѝ даде крилја на Македонија, па продолжи притисокот пред голот на Австрија. Но, по неколку шанси немаше реализација.
Австрија беше во индиспонирана позиција, чекаше шанса преку контра, но во два наврати, командантот на одбраната, Дарко Велковски, ги блокираше обидите и не дозволи повторно да има опасност кон голот на Димитриевски.