Одлична анализа на изјавите на европската премиерка Урсула фон дер Лајен од страна на директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска.
Трајкоска која важи за апсолутно проевропска и проамериканска активистка споредува повеќе изјави на шефицата на Европската комисија која во 2018 година за прв пат дојде во Македонија како министерка за одбрана на Германија да не убедува да го смениме името.
Во анализата на пет изјави дадени од германката со наслов ,,Урсула низ годините”, Трајкоска забележува дека Германката во исто толку пати ги манипулирала македонските вести со своите пораки.
Анатомијата на лагите на ФОН дер Лајен на директорката на ИКС ја пренесуваме во целост:
Урсула низ годините
Се почесто се обидувам да не ги следам говорите на политичарите, бидејќи длабоко ме вознемирува леснотијата на кажаниот збор и празните флоскули кои катадневно ги користат. За нашите политичари не вреди да се потроши ни минута, очајно е колку е лесно да кажат се, да се поплукаат, да излажат, небаре позицијата во партијата или институцијата ги прави уникатно паметни.
Нејсе… Обичен гугл за европските политичари ги вади на површина празните ветувања и на европските политичари и леснотијата на зборовите кои не носат ништо, освен јад, зголемен скептицизам и недоверба кон ЕУ.
Ова е Урсула фон дер Лајен во последните 5 години со своите изјави за Македонија. Се осетив ко мало дете кога го лажат за лижавче кое никогаш нема да го добие – оти не постои или е многу далеку, речиси невозможно да се најде- баш тоа омилено лижавче (за нас се вика почеток на преговори…за членство- аврио).
20.09.2018 – Имате уникатна шанса
Германската министерка за одбрана е длабоко убеденa дека референдумот на 30 септември на кој треба да се потврди договорот меѓу Македонија и Грција ќе биде успешен. Урсула фон дер Лајен од Скопје порача дека Македонија сега има шанса што не смее да ја испушти.
„Од нашето искуство со повторното обединување можам да ви кажам дека ова е уникатна шанса“, порача фон дер Лајен. Таа рече дека е свесна колку е важно името на државата за идентитетот и културата на граѓаните, но референдумот е сепак голема шанса.
„Се надевам дека граѓаните ќе земат активно учество. Дека ќе бидеме заедно во обединета Европа“ „Посетите се јасен сигнал за нашето пријателство и за нашата желба во иднина поблиску да соработуваме во обединета Европа“. Фон дер Лајен потсети и на пораката на Меркел за време на нејзината посета на Скопје дека „историските шанси не доаѓаат секој ден“.
11.07.2019 – Фон дер Лајен: Северна Македонија е светол пример
Западниот Балкан мора да се сфати посериозно, а Северна Македонија е светол пример за позитивни постигнувања, порача кандидатката за претседател на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен за време на состанокот со европските либерали, пренесуваат германските медиуми. Таа пледираше за отворени врати кон земјите од источна Европа и Западниот Балкан кои сакаат членство во ЕУ.
Фон дер Лајен особено ја потенцираше Северна Македонија како „светол пример“ за тоа, „што е можно да се постигне, кога луѓето пред себе имаат јасно поставена цел- во случајот членството во ЕУ.“
28.09.2021 – Фон дер Лајен: Не губете верба, направете уште еден чекор
Последниот чекор којшто се очекува да го направи Северна Македонија, според Фон дер Лајен, е постигнувањето напредок во разговорите со Бугарија со цел да се одблокира патот кон ЕУ. Лајен неколкупати повтори дека е целосно посветена на ова прашање, коешто се надева дека ќе има позитивен напредок до декември. „Со двете страни работиме, разговараме и со Бугарија за да ја надминеме оваа последна пречка. Има добри идеи за кои вреди да се размисли, со цел да се надмине последната препрека до крајот на годината. Има многу теми кои можат да се решат со добар дијалог“, вели Лајен.
14.07.2022 – Урсула фон дер Лајен: Европа ве чека
„Европа не е целосна без Северна Македонија. Направете ја вистинската работа за мирот и просперитетот на земјата. Почитувани Македонци, Европа ве чека и се надева дека ќе направите уште еден чекор кон Унијата. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност и ја го усвоите ревидираниот француски предлог“, порача од собраниската говорница во Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, следена од аплаузи на владејачкото мнозинство, но и транспаренти и извици на негодување од опозициските.
Таа пред пратениците испрати неколку важни пораки, околу дилемите за коишто се кршеа копјата во земјата – билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори и во ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ.
31 мај 2023 – Фон дер Лајен: Поддршка за уставните измени
ЕУ останува да биде пријател и партнер на Северна Македонија и дава силна поддршка на постигнувањето политички консензус за уставните измени, во корист на земјата и регионот. Вакво уверување добил премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лaјен, во Братислава, каде учествуваат на Глобалниот безбедносен Форум на ГЛОБСЕК 2023. Според соопштението од владиниот кабинет, на средбата „било изразено очекување дека сите политички чинители во земјата ќе ја препознаат важноста на моментот за иднината на земјата и ќе делуваат во корист на европската интеграција на Северна Македонија“.
…