Македонката Љупка Вртева инженерка на годината во Словенија

Жири од 92 члена меѓу десет номинирани кандидатки ја избра Македонката Љупка Вртева за инженерка на годината 2023 во Словенија.

Лауреатката на шестото издание на престижниот избор е магистер по машинство, развоен инженер од областа на затоплувањето, вентилацијата и ладењето на згради и проект-менаџер на соларна централа во компанијата „Петрол“.

„Таа уште како мала создавала многу, но пред сè сакала да ја трансформира својата имагинација во нешто видливо и опипливо“, пишуваат организаторите за добитникот на наградата.

Самата Вртева вели дека токму нејзината имагинација ја довела на патот на инженерството. По завршувањето на средното образование во Македонија, дипломирала и магистрирала на Машинскиот факултет на Универзитетот во Љубљана, а во 2019 година ја завршила меѓународната образовна програма Европски енергетски менаџер – ЕУРЕМ на Институтот „Јожеф Штефан“. Има развиено уникатна компјутерска програма од областа на механичката вентилација на зграда, а сега се занимава со дизајнирање на нови, поефикасни енергетски системи.

Вртева е горда на нејзиниот успех и храброст да стане инженер.

„Имам можност да ја споделам мојата приказна со млади девојки. Секој е способен да ги следи своите желби и ќе дојде момент во животот кога ќе бидат благодарни и горди на себе што имале храброст да ја изберат инженерската професија“.

Таа вели дека знаењето е најмоќната алатка и ги советува девојките: „Секој може да направи сè и секој има крилја, треба само да полета“.

Изборот покренат по иницијатива на „Сименс Словенија“ е дел од иницијативата „Ние ќе бидеме инженерки и инженери!“ и годинава се одржа шеста година по ред, во коорганизација на списанието IRT3000 и компанијата Mediade со партнерите-учесници. Од минатата година, по словенечкиот пример, инженерка на годината се избира и во Хрватска, и во Србија.