Новото лице во словенечката политика чии родители се од Македонија, 30-годишната Ирена Јовева, стана членка на Европски парламент од партијата ЛМШ на премиерот Марјан Шарец.
Поранешната новинарка на државната Словенечка телеграфска агенција (СТА) и на ПОП ТВ беше носителка на изборната листа што заврши трета со 15,58 проценти освоени гласови, доволно за две европратенички места.
Јовева има дипломирано меѓународни односи, а пред две години стана магистер со одбраната на тезата „Односот на Европска унија кон македонското национално прашање“.
Во интервју за „24 ур“ пред десетина дена ќе рече дека на неодамнешниот фудбалски натпревар Словенија – Македонија (1:1) во Љубљана од квалификациите за Европско првенство навивала за „змајчеки“.
„Тоа ме прашаа многу луѓе и со татко ми се шегувавме на таа сметка. Тој рече дека ќе навива за подобриот, а јас, пак, дека во секој случај победувам. Искрено, навивав за словенечкиот национален тим поради Матјаж Кек (селекторот – н.з.). На крајот заврши нерешено, што беше и најдобро“, одговори таа.
На прашањето, пак, каква е таа ЕУ што независна држава принудува да си го смени името за да може дури и да почне да преговара за членство, Јовева со одговор: „Мислам дека ЕУ во овој случај беше премалку активна и оти премногу ѝ попушташе на својата држава-членка. Таа мораше да одигра поактивна улога, бидејќи не верувам дека некој од Македонците или нивните потомци се согласува со промена на името, јас секако не. Со оглед на тоа дека Грција беше упорна и не попушташе, што мораме да ѝ го сметаме за плус, тоа очигледно беше единствениот чекор на патот кон напредокот на Македонија“.