Белинда Делиос, Македонка од Австралија, води битка пред тамошните институции за вметнување графа „македонски православни“ на следниот попис, а не како досега само “грчки православни“ за сите австралиски државјани од православна вероисповед.
„Забелешка!
Малку добри вести за Македонците во Австралија… и тоа како ни требаат!
Пред неколку месеци почнав да работам на проект кој премногу години ме нервира. Нашиот австралиски попис. Особено, прашањето за религијата.
Како што сите знаеме, религиозното прашање е неточно. Нашата православна религија претежно се опишува како грчка православна, наместо ПРАВОСЛАВНА. Другите религии, како католичката, англиканската, еврејската, исламот, хиндуизмот, будизмот, на пример, НЕ доаѓаат со придавка пред нив, како италијанска католичка, малтешка католичка, француска католичка, ниту има опис како кинески будист, пакистански муслиман, унгарски евреин и слично.
Сепак, Македонците, Русите, Украинците, Роменците, Србите итн., ‘имаа задоволство’ да се идентификуваат како грчки православни, освен ако не одвојат време да ја пополнат наведената графа за опис „друга“ со поинакви деноминации со кои се поврзуваат луѓето. Тоа не е случај со ниту една од другите наведени религии. Никој нема придавка пред себе. Бројките се неточни и лажни. Одредени заедници ги користеле тие неточни бројки за да ги придобијат владите и да бидат успешни во обезбедувањето финансирање проекти за таа заедница, додека другите заедници се сметаат за помалку вредни и отсуствуват.
Владите и бизнисот го користат пописот за да носат важни одлуки.
Добрата вест е ова. Работам со Комисијата за човекови права на Австралија. Тие слушаа, организираа состаноци, дадоа голема поддршка и направивме многу голем чекор за да го исправиме пописот. Им благодарам на сите прекрасни луѓе што слушаа. Благодарност до Комисијата за човекови права која ми помогна за втората молба.
Македонци од дијаспората не се откажувајте НИКОГАШ! Нашите мајки и татковци заминаа од Македонија поради тоа што била и е брутализирана од политички договори и од главешините на Европа, кои ги затвораат очите пред ѕверствата во сопствениот регион, на пример, етничкото чистење на македонските деца, некои од нив толку мали што дури ни имињата не си ги знаеја. На број 48.000.
Не заборавајте ја борбата на нашите предци… ниту борбата на Македонците денес, пред ‘праведните’ очи на Европа, НАТО, Америка и Англија, кои го ништат самото постоење на македонскиот народ. Злобно.
На здравје на сите вас додека ја кревам чашата домашно рујно вино“, објави Делиос на Фејсбук.
На нејзиното инсистирање таа доби одговор во вид на писмо од Австралиското биро за статистика (АБС).
„АБС редовно ги прегледува нашите класификации и стандарди. Во август 2022 година ќе ја консултираме австралиската јавност за промени и во Австралискиот стандард за религиска припадност, и во Австралиската класификација на религиски групи. Како дел од консултациите, АБС ќе го вклучи специфичниот пример на луѓето што се идентификуваат како македонски православни, кои неточно ја пополнуваат графата за грчки православни наместо да ја напишат својата религија во празната графа. Овој пример ќе им помогне на луѓето со слични искуства да направат поднесок за прегледот.
Во август АБС ќе Ве контактира по и-мејл за да Ве понаи да придонесете за нашето претстојно преразгледување на религиската класификација и стандард“, ѝ одговорија од АБС на Делиос.