Фудбалската репрезентација на Македонија одигра без голови со Романија во Скопје и не го искористи подарокот од Лихтенштајн, кој ремизира во Ерменија, за да ѝ се придружи на второто место во групата Ј од квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар.

„Црвено-жолтите“ имаа повеќе од играта, многу повеќе шанси за гол, но повторно мораа да се задоволат само со бод како претходно во Исланд и дома со Ерменија. Заедно со трите порази на Европското првенство во јуни, македонските фудбалери немаат победа на шест натпревари во низа.

По шест одиграни кола избраниците на селекторот Милевски се четврти со 9 бода, а пред нив се Германија со 15, Ерменија со 11 и Романија со 10.

Мундијалските квалификации за Македонија продолжуваат на 8 октомври во Лихтенштајн, а три дена подоцна на Денот на востанието на Националната арена „Тоше Проески“ ќе гостува Германија.