Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Македонија е во првите десет земји во светот по инфлацијата за прехранбените производи, со 13 отсто, цитирајќи информации од ММФ, Меѓународниот монетарен фонд. Партијата ја обвинува владата на премиерот Димитар Ковачевски за неспособност за справување со оваа, како што тие велат, економска катастрофа.
Во продолжение го пренесуваме целото соопштение:
„Поради владата на СДС и ДУИ, Македонија се соочува со економска катастрофа и драстично осиромашување на народот. Тоа го покажува и новиот извештај на Светска Банка според кој Македонија е во првите десет земји во светот кои имаат највисока реална инфлација во храна.
Оваа стапка се пресметува како инфлација на цените на храната минус вкупната инфлација и резултатите се поразителни. Од Европските земји пред нас е само Унгарија, а со Турција ја делиме позицијата. Други европски земји нема, туку сите останати се од Африка.
Катастрофални параметри измерил и Државниот завод за статистика во октомври, според кој цените за храна во октомври се повисоки за 32,4%. Но ако се земе предвид поскапувањето на основните намирници за над 50%, тогаш осиромашувањето на народот е далеку поголемо. Народот ќе трпи за леб, а на Ковачевски око не му трепнува.
Владата на Ковачевски не направи ништо ова да го спречи. Напротив тие времето го трошат на тендери и лично богатење додека народот се соочува со рекордни стапки на инфлација кои се едни од највисоките во Европа и светот. Цените беснеат, долгот забрзано расте, енергетската криза станува се поголема, а Македонија со Ковачевски како по правило секогаш има најлоши параметри во споредба со другите земји.
Оваа неспосбна и криминална власт мора да замине. Народот премногу скапо ја плаќа нивната неодговорност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во својот проглас.