Некогашната ракометна репрезентативка на Македонија, Јулија Николиќ, на само 38 години замина во легендите, оставајќи ги во шок и неверување поранешните соиграчи во националниот тим, во Кометал Ѓорче Петров, и во Вардар.

Срцев удар е причината за прераната смрт на ракометарката позната и по моминското презиме Портјанко, а ни две медицински екипи не успеале да ѝ го спасат животот прексиноќа на враќање од Грција на автопатот во близина на Велес.

Николиќ, родена на 20 април 1983 година во Днепропетровск, Украина, настапи на 57 натпревари и постигна 187 гола за Македонија, во која дојде во 2003 година и до 2009 година ги бранеше боите на Кометал ЃП, а за Вардар настапуваше од 2013 до 2015 година. Има играно и за руска Звезда Звенигород, за француски Арвор (подоцна Брест), за турски Ускудар, а кариерата ја почна во украинска Галичанка Лвов.

Беше дел од македонската репрезентација на Европското првенство 2008 во Скопје и во Охрид, кога „црвено-жолтите“ завршија на седмото место, а таа беше меѓу десетте најдобри стрелци на шампионатот.

Пред почетокот на мечот од машката Лига на шампионите меѓу Вардар и Монпелје вечерва во арената „Јане Сандански“ ќе ѝ биде оддадена една минута почит.