Сега станува сосема јасно дека проширувањето на Европската унија е блокирано за долг временски период. Личен став на авторот на оваа колумна е дека ЕУ, ваква каква што е, нема иднина ниту самата како унија на држави, а камоли да може да нуди европска иднина за Македонија и другите земји – кандидатки, кои чекаат трпеливо со години пред нејзините врати. Во својата информација под наслов „ЕУ повеќе не се согласува на Балканот да му гарантира членство – велат дипломатите“ на 28.септември 2021 година информативнатa агенција „Ројтерс“ објави дека „Eвропската Унија повеќе не може повеќе да им гарантира членство на шестте балкански земји, на кои им го вети тоа“. Исходот од Самитот ЕУ – Западен Балкан вчера покажа дека била точна оваа информација на Ројтерс.

Во својата анализа под наслов „Која беше поентата на самитот ЕУ – Западен Балкан?“, објавена од страна на Радио Слободна Европа, нејзиниот автор Рикард Јозвијак констатира: „Самитот ЕУ – Западен Балкан покажа дека членството во ЕУ за балканските надежи е само сон. Во годинешното соопштение се вели дека ‘ЕУ ја потврдува својата посветеност кон процесот на проширување…’ Дипломатите на ЕУ кои сакаат да го видат регионот во ЕУ го слават фактот дека зборот ‘проширување’ влезе во текстот. Но, во текстот беше додадена и реченицата: ‘Потсетуваме на важноста на Унијата да го одржи и продлабочи својот развој, обезбедувајќи капацитет за интегрирање на нови членки’. Ова во суштина е дипломатски говор за зборовите ‘имаме многу внатрешни прашања на ЕУ за решавање во моментов, затоа не мачете се да прашувате за членство’. ЕУ засега е целосно окупирана со себе и во догледна иднина, а Западен Балкан не е дел од таа ментална карта.“

Станува сосема јасно и дека за Македонија патувањето кон членството во ЕУ се прекина и пред да започне, оти тоа претставува нереална визија. Бугарија нема намера да го крене своето вето. Не успеа дури ниту лобирањето на Американците Европската Унија да ги отвори вратите за Македонија и за регионот. ЕУ веќе јасно покажа дека нема ниту капацитет ниту волја за натамошно проширување. Во прилог на оваа констатација оди и фактот што веднаш беше отфрлен предлогот на словенечкото претседателство на вчерашниот самит да се даде некаква временска рамка за шесте земји од Западниот Балкан, па макар и во 2030 година. Оваа вистина повеќе не успеваат да ја сокријат премиерот Зоран Заев, Никола Димитров, потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Проширувањето на ЕУ не е само запрено, туку е и прекинато“

Фрламе еден аналитички поглед врз процесот на проширувањето на ЕУ, што остана од него, како и на ситуацијата внатре во ЕУ. Влијателниот глобален политички магазин „Форин полиси“ („Надворешна политика“) од САД ја објави експертската анализа на Бенџамин Хадад, директор на Иницијативата „Иднината на Европа“ при „Атлантскиот совет“ и Дамир Марушиќ, постар советник – истражувач при „Атлантскиот совет“ под наслов „Балканот не и верува повеќе на Европската унија“. „Атлантскиот совет“ од Вашингтон е најважниот „Тинк – тенк“ (аналитички центар, институт за истражување на политики) на НАТО.

„Проширувањето на Европската Унија е прекинато.“ – заклучуваат во својата анализа двајцата експeрти на „Атлантскиот совет“ по својата обиколка на Македонија, Албанија и Србија. Ваквиот суштински заклучок од своето истражување на евроинтеграциите го формулирале имајќи предвид и искажување на еден од лидерите во тие држави, кој им се пожалил дека „проширувањето на Европската Унија не само што е запрено, туку е и прекинато.“

Хадад и Марушиќ нагласуваат: „Балканот не и верува повеќе на ЕУ. Следните кандидати за прием сфатија дека тој процес не води никаде и постапуваат согласно со тоа. Поддршката на проширувањето меѓу гласачите пропадна низ цела Европа по приемот на Хрватска во 2013 година. Јавноста во Западна Европа особено не е склона кон приемот на нови членки во ЕУ.“

Потврда за ваквата несклоност е и неодамнешното истражување на Европскиот совет за надворешни односи, кое покажа загрижувачка тенденција на растечки евроскептицизам и во Германија – „локомотивата на ЕУ“. Во Германија дури 55 проценти од граѓаните мислат дека „политичкиот систем на ЕУ е скршен“. Само околу една третина од Германците и натаму веруваат дека тој систем функционира. Ова е пад дури за 15 проценти кај оние што имаат позитивен став за функционирањето на политичкиот систем на ЕУ во споредба со истражувањето спроведено во ноември 2020 година.

Во својата статија под индикативен наслов „Дали може с.Македонија да стане гробишта на идеалите на ЕУ?“ Политичкиот аналитичар на сеевропската телевизизиска информативна мрежа „Еуроњуз“ Александар Брезар истакнува: „Бугарија ја држи како заложник иднината на с.Македонија во Унијата, без оглед што чувствува целата соседна држава за ова. Овој меѓусебен судир откри фатална грешка во процесот на зачленувањето во ЕУ. Секој чекор на патот на пристапувањето бара целосно согласие на сите 27 држави – членки. Бугарија го користи најважното овластување, кое им е дадено да државите-членки – правото на ставање вето на пристапувањето на кандидатот – држејќи се до ветото во 2020 година на отпочнувањето преговори со с.Македонија за интегрирање во ЕУ.“

Во еден официјален извештај на Домот за заеднички надворешни работи на Парламентот на Велика Британија за 2012 / 2013 година е забележана констатацијата од расправата на пратениците како британскиот народ се чувствувал во рамки на проектот „Европска Унија“: „Нашето искуство по овие години минати во ЕУ е дека луѓето се чувствуваат како да се заробени внатре во еден политички проект на изумирање, бидејќи бескрајните правила и прописи на ЕУ придонесуваат луѓето да се чувствуваат управувани од странци во се што работат. Навистина, странци го формираат законодавството на ЕУ и потоа тоа се пренесува во законодавствата на државите – членки на ЕУ.“

Потребен е нов ЕУ-пат на Македонија – кон идната „Европа на нации“

Значи, уште пред 8 – 9 години за британскиот народ ЕУ била „политички проект на изумирање“, поради што и уследи „брегзитот“ – излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Кога ќе се има предвид и овој факт тогаш ќе може да се даде уште пообјективно и поаргументирано заснован одговор на претходното прашање на Брезар „Дали може Македонија да стане гробишта на идеалите на ЕУ?“: Република Македонија веќе се претвори во „гробишта на идеалите“ на ваквата ЕУ, која е на изумирање. Суверени нации, кои заемно соработуваат, добрососедство, почитување на идентитетите, јазиците, културите, на овие европски идеали и вредности, содржани во „Повелбата“ и разните резолуции на ЕУ, та го има ли сето тоа во случајот на Република Македонија!? Дополнително, ЕУ се урнисува навнатре, а еврократите во Брисел се во остар судир не само со раководствата на Полска и Унгарија, туку и со јавноста во Франција, Германија, во Данска и други ЕУ – држави.

Што да се прави натаму? Потребна е нова целосно ревидирана, долгорочно преосмислена државна стратегија на Република Македонија кога станува збор за евроинтеграциите. Зошто? По шеснаесет години минати во чекалницата на ЕУ, ако и би започнале, претпоставено, преговори, тогаш би уследиле уште барем 10 – 15 години во преговарања, најверојатно исполнети со поднесувања вета, блокади, „добрососедски уцени“, барања за нови идентитетски и слични национални отстапки… И каде се тука европските перспективи за македонскиот народ и за сите граѓани на Македонија?! Затоа, сметаме дека нема да биде премногу остро, ниту еврофобно, туку сосема еврореално, ако кажеме: Македонија нема што да бара во ваквата ЕУ, која под маскатата на „пристапни преговори“, божем заради усогласување со „вредностите и идеалите на ЕУ“, всушност, ги „дроби“ и ги присвојува внатрешниот и надворешниот суверенитет на државите – кандидатки за зачленување, наметнувајќи им за спроведување стандарди и прописи напати и спротивни на нивните внатрешни општествено-политички специфичности.

Исто така, Македонија нема што да бара во ваквата Европска Унија особено и бидејќи таа беше еден од главните „кумови“ за нејзиното преименување како „северна“, исполнувајќи им ги желбите и стремежите на Грција и Бугарија уште од 1913 година за „конечно решавање“ на „македонското прашање“ – да не постои Македонија како држава на македонскиот народ, но и да ги снема и Македонците како народ со свој засебен идентитет, историја, традиции, јазик и култура. Токму ова е и целта на „Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“ со Бугарија. Двата „добрососедски договора“ во најдлабоката суштина се неспојливи со една ревидирана евростратегија на Македонија.

Сегашната владејачка политичка гарнитура мора да го признае дебаклот на сето она што го означуваше како „активности заради евроинтегрирање“. Мора да признае и дека менувањето на името на државата Македонија, во кое е вградено и името – идентификацискиот код на македонскиот народ, немаше никаква поврзаност со зачленувањето во ЕУ. Затоа, потребни се нови политичари, нови евроконцепти и визии, но најпрвин враќање на името Македонија и возобновување на македонската држава – пеплосана дословно во сите аспекти на нејзиното постоење и функционирање.

Македонија би морала да ја „замрзне“ час поскоро својата апликација за евроинтегрирање и да сочека првин Унијата да си ги реши своите внатрешни несогласувања. Но, и да не го стори тоа самата како држава, се чини дека ЕУ во суштина веќе го стори тоа со македонската ЕУ – апликација, давајќи си на себе неодреден период, во кој ќе се стреми кон внатрешна консолидација. Ако успее во тоа. Оттука, велиме дека е попродуктивно да се сочека првин да се изгради архитектурата на новата „Европа на нациите“ со возобновени и реафирмирани европски идеали – процес што е веројатно веќе започнат, која нема биде „зандана на народите“, туку вистински европски дом на нациите со нивни признати и задржани идентитети и јазици. Дури потоа да се тргне во насоката на барање достоинствено членство во ваквото европско семејство. Се поинаку ќе биде и натаму „продавање ефтина европска магла“ и понижувачко коленичење во Брисел, Софија и Атина.