Македонија ќе биде еден од домаќините на 33. Европско првенство за одбојкари в година заедно со Италија, Бугарија и Израел, соопшти денеска Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на првиот ден од својот конгрес во холандскиот град Арнем.

Шампионатот ќе се одржи од 28 август до 16 септември 2023 година, а Македонија ќе биде организатор на една од четирите групи со по шест репрезентации, кои ќе бидат составени на ждрепката закажана за 16 ноември во Неапол.

Покрај соорганизаторите Македонија, Италија, Бугарија и Израел, на континенталниот одбојкарски собир ќе учествуваат и Словенија, Полска, Србија, Холандија, Германија, Чешка, Франција, Украина, Турција, Финска, Белгија, Португалија, Грција, Шпанија, Романија, Швајцарија, Данска, Црна Гора и Естонија. Во случај да не игра Русија, за што одлука ќе се донесе на 31 октомври, неа ќе ја замени Шведска врз основа на ранг-листата на ЦЕВ.

По натпреварите по групи, четирите најуспешни селекции од секоја од нив ќе се пласираат во осминафиналето. Четвртфиналните дуели ќе се одиграат во Италија и во Бугарија, а полуфиналните, мечот за третото место и финалето во Италија.

Ова ќе биде трет настап на ЕП за најдобрите македонски одбојкари, кои во дебито во 2019 година го освоија 17. место, кога направија подвиг со триумфот од 3:1 над домаќинот и подоцнежен вицешампион Словенија, а во групата славеа со 3:1 и против Белорусија, а лани завршија претпоследни.