Со симболични 10 проценти од просечната месечна нето-плата во државата или околу 45 евра, Македонија е на дното од земјите во регионот во однос на висината на платата за доброволно служење воен рок, пишува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.
Доброволната служба во Армијата на Република Македонија (АРМ) во траење од три месеца е воведена во 2007 година, а во првите 10 години воен рок доброволно отслужиле 4.800 млади луѓе.
Највисоки примања имаат воените доброволци во Словенија, каде што за 13 недели поминати во единиците на армијата добиваат вкупно од 2.281 до 3.360 евра, а имаат можност и за полагање на возачки испит од Б-категорија.
Во Хрватска добороволниот воен рок трае 8 недели или 40 работни дена, платата е 400 евра месечно, а по неговото завршување доброволците можат да се вработат во оружените сили.
Најдолго во униформа поминуваат добороволците во Војската на Србија, вкупно шест месеци, а од декември платата изнесува нешто помалку од 35.000 динари (околу 300 евра) за војниците и 38.000 (325 евра) за десетарите и за слушателите на курсот за резервни офицери.
Црна Гора последна во регионот воведе доброволно служење воен рок, и тоа во 2019 година, а паричниот надоместок е 275 евра месечно.
Бугарија од годинава воведе доброволно служење во резервниот состав, за што планира да издвои 562 евра.
Доброволна резерва постои и во Унгарија, каде што доброволците добиваат по 51 процент од просечната месечна нето-плата или 460 евра.