Македонија со Бугарија во групата од Лигата на нациите

Бугарија ќе ѝ биде противник на фудбалската репрезентација на Македонија во групата Ц4 од сезоната 2022/23 од Лигата на нациите.

Покрај источниот сосед, ривали на избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе им бидат и Грузија, и Гибралтар.

„Групата е тешка, но во денешниот фудбал нема лесен противник или однапред запишани бодови. Нѐ очекуваат сериозни натпревари. Грузија е репрезентација против која одигравме неизвесни натпревари во последниот период. Бугарија одигра нерешено против европскиот првак Италија. Тоа значи дека нашиот противник бележи значителен напредок. Гибралтар се разбира дека не е истата селекција од првото издание на Лига на нации кога се соочивме во иста група. Македонија мора да биде на највисоко ниво на секој натпревар. Денешниот фудбал, едноставно, не трпи поинаков пристап“, изјави Милевски.

Ова ќе биде прво одмерување на силите со Бугарите на официјално натпреварување, а на досегашните седум пријателски средби „црвено-жолтите“ имаат две победи, една нерешена и четири порази.

Со Грузијците македонскиот национален тим има подобар скор – победа од 1:0 во Тбилиси вредна историски пласман на Европското првенство годинава, како и две реми, а со најмладата членка на УЕФА има две победи.

Новото издание на Лигата на нациите ќе стартува со две кола на 2 и 8 јуни 2022. Победниците на групите ќе разигруваат за еден патник на ЕП 2024, како и за промоција во Б-дивизијата од ЛН.