Долго очекуваната фудбалска пресметка меѓу Бугарија и Македонија на стартот од дивизијата Ц од Лигата на нациите во Разград заврши нерешено 1:1.
Домаќинот на натпреварот што за некои беше „повеќе од фудбал“ рано поведе со голот на Кирил Десподов во 13. минута, кога го лобуваше Столе Димитриевски.
Израмни Милан Ристовски во 50. минута, кога одбиената топка во шеснаесетникот ја испрати во противничката мрежа.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски имаа поголем посед на топката (53:47 проценти) и многу повеќе удари (15:4), вклучувајќи ги и тие во рамките на голот (5:1), но за малку Бугарите ќе го однесее целиот плен.
Во петтата минута од судиското надополнување на времето бугарските фудбалери бараа пенал за наводно играње со рака на Висар Муслиу, но судијата Жереми Пињар покажа играта да продолжи, а неговата одлука да не досуди најстрога казна ја потврди и ВАР.
Во другиот меч од четвртата група Грузија славеше дома со 4:0 против Гибралтар, кому „црвено-жолтите“ ќе му гостуваат в недела.