Со триумфот од 4:0 и во реваншот со Лихтенштајн во Вадуц, фудбалската репрезентација на Македонија се врати во игра за историски пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

По седум одиграни кола „црвено-жолтите“ се втори во групата Ј со 12 бода, колку што има и Ерменија, која ремизира 1:1 со Исланд во Рејкјавик, а Романија е четврта со 10 по поразот од 2:1 во Хамбург од Германија, која води со 18.

Токму „панцерите“, кои најдобрите македонски фудбалери ги изненадија со 2:1 во Дуизбург, в понеделник од 20:45 часот ќе гостуваат на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Првата победа по трите нерешени во низа откако на македонската клупа е Благоја Милевски ја навести Дарко Велковски во 39. минута, а во второто полувреме погодија и Езгјан Алиоски од пенал во 66. минута, Бобан Николов во 74. минута и Дарко Чурлинов во 83. минута.