Под наслов „Лидерите на ЕУ го повикуваат Скопје да го реши историскиот спор со Бугарија“, онлајн-магазинот „Еурактив“ објави дека во декларацијата од денешниот телеконференциски самит „ЕУ – Западен Балкан“ од Македонија ќе биде побарано да најде решение за билатералниот проблем со спроведување на Договорот за добрососедство.
Висок претставник на Советот на ЕУ за „Еурактив“ објаснил дека од кандидатката за членство ќе биде побарано да испорача „конкретни резултати“ не само во врска со Договорот со Бугарија, туку и во однос на Преспански договор со Грција.
Професорката Билјана Ванковска застанувањето на Унијата зад најновото условување од Бугарија го нарече „Лисабонска декларација 2“ и вината за тоа ја лоцира кај „марионетската влада“ на Зоран Заев.
„Не станува збор за бугарскиот национал-шовинизам, туку повеќе за колонијалниот начин на размислување и владеење на ЕУ. Македонија се соочува со Лисабонска декларација 2, единствената разлика е негирањето на македонскиот јазик, наместо името на државата. По оваа скандалозна одлука да ја уценува Македонија за нејзиниот јазик (и култура, покрај нејзината историја) тие изгубија секаква основа за да зборуваат за европски вредности (ако ги имало некогаш)!
Срамно! Се разбира, целата одговорност е кај марионетската влада на Зоран Заев – избрана и инсталирана со цел да ја заврши валканата работа!“, коментира Ванковска на Фејсбук.
Европскиот совет на својот самит во Лисабон 1992 година го услови признавањето на македонската држава од Европската унија под име што не го содржи зборот Македонија.