Во земјава очигледно станува се потешко да се прехранат граѓаните. Причина е превисоката инфлација, и тоа особено зголемување на цените и трошоците кај прехранбените производи.
Всушност, извештај на Светска банка, насловен како Food Security, кој датира од средината на ноември годинава, покажува дека Македонија е на неславната листа на топ 10 земји во светот со највисока реална инфлација во храна, која всушност се пресметува како инфлација во храна минус вкупната инфлација.
Од табелата може да се види дека Македонија се нашла на 10-то место во светот на земји кои имаат највисока реална инфлација во храна.
Ша така, на оваа неславна листа први се нашле Зимбабве, со стапка од 52 отсто, а потоа е Либан со стапка од 46 проценти.
На третата позиција се нашла Иран, со 32 отсто, додека на четврто место е Шри Ланка со 20 проценти. Руанда е петта со 17 отсто, па следуваат Унгарија, Колумбија и Уганда со стапки од по 15 проценти на реална инфлација во храна. И деветтото и десеттото место го делат Турција и Македонија, со стапки од по 13 проценти.
Кога станува збор, пак, за номиналната инфлација во храна, Македонија не е на таа листа на првите десетмина. Рекордер е Зимбабве со стапка од 321 процент.