Македонија сама се победи во Грузија во Лигата на нациите

Фудбалската репрезентација на Македонија со сопствените грешки ѝ помогна на Грузија да слави со 2:0 во Тбилиси во претпоследното коло од дивизијата Ц во Лигата на нациите, со што „црвено-жолтите“ ги загубија и теоретските шанси за баражот пред „одјавата“ против Бугарија в понеделник во Скопје.

Домаќинот на арената „Динамо“ поведе со автоголот на Бојан Миовски во 35. минута, а победата на Грузијците ја обезбеди Хвича Кварацкелија во 64. минута по уште една грешка на гостите, овојпат на Дарко Велковски, чие погрешно додавање на средината од теренот го казни соиграчот на Елиф Елмас во Наполи.


Резултатот не ја одразува сликата на теренот, на кој доминираа избраниците на селекторот Благоја Милевски, кои имаа и над двојно повеќе упатени удари (19:8, од кои 6:2 во рамките на голот), додавања (570:295) и корнери (9:4), како и многу поголем посед на топката (66:34 проценти).

Ослабениот македонски состав, без стандардните Стефан Ристовски, Аријан Адеми, Бојан Чурлинов и Тихомир Костадинов, останува на 7 освоени бода во групата Л, шест помалку од лидерот Грузија, пред реваншот со Бугарите в понеделник од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“.