На Македонија и се заканува епидемија со морбили ако не се зголеми опфатот на вакцинација, предупредуваат здравствените власти.

Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во 2021 година опфатот со прва доза МРП вакцина изнесува 70,4%, а за втората доза 80,4 отсто додека во преходната 2020 е исклучително низок, 63% за прва доза и 68,5% за втората доза, на национално ниво. За 2022 година се уште не се обработени податоците, но очекувањата се дека ќе биде повторно околу 70%.

Податоците се загрижувачки и вакцинацијата мора да се зголеми, оценува претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести, д-р Александар Петличковски.

„Овие податоци апсолутно не се задоволителни бидејќи се далеку од посакуваните 95% опфат со оваа вакцина која што може да ни гарантира безбедност од епидемија со морбили. Овој опфат веројатно и за 2022 година ќе биде околу 70% и мора да се подобрува бидејќи гледаме дека и во околината, но и пошироко во Европа и во светот се случуваат изливи на морбили, од кои голем

дел завршуваат со компликации“, вели д-р Петличковски.

Малите сипаници се сметаат за високо заразно заболување и можат да предизвикаат пневмонија, енцифалит и други сериозни и тешки компликации кај децата кои што не се вакцинирани. Македонија во 2019 се соочи со епидемија во која четири деца починаа како резултат на компликации. И тогаш опфатот беше околу 70%.

„Моментално не сме во безбедна зона и реална е заканата од нова епидемија со морбили особено што во околината, во Србија ги гледаме случаите и гледаме дека активност има, само еден случај е доволно во средина каде што опфатот не е задоволителен да направи вистински пожар“, вели д-р Петличковски.

Линк до целата анализа.