Со блескава игра и убедлив триумф од 5:0 над Ерменија во Ереван, фудбалската репрезентација на Македонија си ги зголеми шансите да заврши втора во квалификациската група Ј и да игра бараж за Светското првенство 2022 во Катар!

Ерменците отпаднаа од трката, па сега погледите на „црвено-жолтите“ се свртени кон директниот ривал Романија, која во 20:45 часот го пречекува отпишаниот Исланд, последниот противник на избраниците на селекторот Благоја Милевски в недела во Скопје.


Пред вечерашниот дуел на стадионот на Стеауа во Букурешт, Македонија е втора со 15 бода, два повеќе од Романија, но таа е подобра во меѓусебниот скор благодарејќи на победата од 3:2 дома и ремито без голови на Националната арена „Тодор Проески“.

Македонските фудбалери реализираа пет од шесте директни удари кон противничкиот гол од вкупно осум, при што Енис Барди оствари хет-трик со головите во 36. минута, како и во 66. и во 90., последните два од пенал.

Резултатот го отвори Александар Трајковски во 22. минута, а во листата на стрелците се запиша и Милан Ристовски во 79. минута.