Македонија примила над 17 илјади украински бегалци од почетокот на војната

Од почетокот на „специјалната воена операција“, како што Русија ја нарекува својата интервенција во Украина, на 24 февруари 2022 година заклучно со 3 септември годинава во Македонија пристигнале 17.315 украински бегалци, покажуваат податоците на весбтраницата „Статиста“.

Со оваа бројка Македонија се наоѓа на 34. место меѓу 44 држави опфатени со ажурираната статистика на „Статиста“.


На врвот е Русија, која до 31 декември 2022 година примила 1.275.315 бегалци од Украина, втора е Германија со 1.086.355 до 3 септември годинава, датум до кој Полска на третото место регистрирала 968.390 украински бегалци. Следуваат Чешка со 368.300 до 10 септември, потоа Велика Британија со 210.800 до 1 август, Шпанија со 186.125 до 3 септември, Италија со 167.525 до 11 август, Молдавија со 116.615 до 10 септември, Словачка со 107.415 до 27 август, Холандија со 94.415 до 26 мај итн.

Од земјите во опкружувањето повеќе украински бегалци од Македонија примиле Бугарија – 65.765 до 12 септември, потоа Црна Гора – 56.915 до 4 септември, Грција – 25.050 до 30 јуни и Хрватска – 23.070 до 8 септември. Зад Македонија се Словенија со 10.140 до 4 септември, Србија (заедно со Косово) со 5.710 до 31 август, Албанија со 3.800 до 7 јуни и Босна и Херцеговина со 190 до 27 август.