Македонија поуспешна во одбојкарската драма против Хрватска

Минимална според резултатот, но голема победа за самодоверба буквално извојува машката одбојкарска репрезентација на Македонија против Хрватска во Европската златна лига, добивајќи ја драмата од 131 минута со 3:2, и тоа откако во петтиот сет беше 14-14 и гостите беа на сервис!

Тогаш на сцената стапија Никола Ѓорѓиев и Владо Милев, кои ги обезбедија последните два поена за конечни 16-14 и ерупција од одушевување кај триилјадната публика во арената „Борис Трајковски“.


Избраниците на селекторот Јошко Миленковски си играа со нервите на навивачите и во претходните два сета, кои „коцкестите“ ги добија со 25-22 и 31-29, а посебно стресен се покажа четвртиот, во кој „црвено-жолтите“ со натчовечки напори се враќаа по 3-9 и 13-19, за на крајот да не искористат три меч-топки!

А сè наведуваше на помислата дека лесно ќе биде освоен целиот плен по добиените први два сета со 25-17 и 25-22 и водството од 9-6 и 16-14 во третиот.

Во другиот натпревар од групата Б лидерот Украина славеше со максимални 3:0 и во Белгија и води во групата Б со 9 бода, пред Македонија со 5, Белгијците имаат 4 и Хрватите 1.

На завршниот турнир одат победниците на трите групи со по четири селекции, како и најдобриот второпласиран тим.