Ни Македонија, ни „Северна“, туку меѓународната кратенка за државата ја употреби организаторот на Европското првенство во фудбал, посакувајќи му на дебитантот „добредојде МКД“ преку семафорот на стадионот на кој македонската репрезентација го одржа првиот тренинг во Букурешт.

Теренот на новиот стадион на некогашниот европски шампион Стеауа го „почувствуваа“ сите избраници на селекторот Игор Ангеловски што ги поведе на еврошампионатот, вклучувајќи го и Енис Барди, кој паузираше десетина дена поради коронавирус.

„Црвено-жолтите“ ќе стартуваат на Националната арена в недела од 18 часот против Австрија, во рамките на групата Ц на истиот терен ќе се сретнат и со Украина на 21 јуни, а четири дена подоцна во Амстердам ќе ѝ излезат на мегдан на Холандија.