Македонија поразена од Австрија во дебито на ЕП во фудбал

Седумдесет и осум минути траеше надежта на македонските љубители на фудбалот за успешно деби на Македонија на европските првенства, пред Михаел Грегорич да ја најави, а Марко Арнаутовиќ една минута пред крајот да ја запечати победата на Австрија од 3:1.

Австријците го отворија резултатот преку Лајнер во 18. минута, а македонскиот капитен Горан Пандев десет минути подоцна израмни и во 120. настап го постигна првиот погодок за Македонија на еврошампионатите, негов 38. во црвено-жолтиот дрес.

Австрија имаше поголем посед на топката (60:40 проценти) и удари кон голот (7:2) и тоа им ја донесе првата победа на големите натпреварувања (ЕП и СП) по 1990 година!

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски в четврток од 15 часот исто така во Букурешт ќе се сретнат со Украина, а во последното коло од групата на 21 јуни во Амстердам ќе ѝ излезат на мегдан на Холандија.