Македонија подобра од Израел во увертирата за ракометниот мундијал

Машката ракометна репрезентација на Македонија го прослави Божик со победа од 38:37 против Израел на „Кроација куп“ во хрватскиот град Пореч, последна проверка пред Светското првенство во Полска и во Шведска.

Иако резултатот тоа не го покажува, избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа контрола во текот на целиот натпревар, во кој водеа и со 18:11, на полувреме заминаа со предност од 23:19, а пет минути пред крајот имаа 38:34, пред да дозволат противникот да се избори за минимален пораз.

Како и во синоќешниот пораз од 40:34 против домаќинот Хрватска, Дејан Манасков беше најдобар стрелец во македонскиот тим, овојпат со 11 гола, пред Филип Кузмановски со 6, Гоце Георгиевски и Томислав Јагуриновски постигнаа по 4 итн.

Во рамките на групата во Краков „црвено-жолтите“ ќе стартуваат на 13 јануари од 20:30 часот против носителот Норвешка, два дена подоцна од 18 часот ќе се сретнат со Холандија и на 17 јануари во истиот термин со Аргентина во битка за едно од првите три места што водат во групата од втората фаза.