Македонија под окупација – Пишува Роберт Димитриевски

Сè било, ова не било. Ја газеле Македонија окупаторски чизми неброено пати во минатото, но вака окупирана никогаш не била. Ниту Македонците некогаш се чувствувале толку угнетено и предадено од кого сè не како сега.

Ако досега низ историјата окупаторите доаѓале однадвор, овој пат се тукашни, домашни, а оркестрирани и под чадорот на белосветски центри на моќ. И толку се имаат соживеано со окупаторската ролја, толку се осилени, чиниш никој и ништо не може да им застане на патот.

И она малку демократија што живуркаше во овие пет години окупација на државните институции од СДСМ, ДУИ и нивните сателити испушти здив со обидот на опозицијата да го доврши делегитимирањето на окупаториве почнато со нокаутот на локалните избори. Реприза на мракобесието од пред три години, кога ги силуваа народната волја од референдумот за името, а потоа и Уставот, со уцени, заплашување, поткуп и киднапирање пратеници.

Единствената разлика во однос на силеџиството по пропаднатиот плебисцит за „Северна“ е тоа што тогаш најзасегнати беа интересите на македонскиот народ, а сега неговата мака ја почувствуваа и мнозинството Албанци во државава. Бадијала што им удрија жешка шлаканица на „Али Баба и 40. разбојници“ на општинско ниво, кога тие што ги избраа да ги застапуваат не ја довршија работата на државно. Светиот збор „беса“ за Албанците, како синоним за образ, честитост, дадено ветување зад кое се стои и со животот ако треба, го извалкаа до непрепознатливост.

Институцијата народен избраник во Македонија повеќе нема никаква содржина ни во македонскиот, ни во албанскиот политички блок. Зошто утре некој би излегол на избори, кога гледа дека тој кому му го дал гласот по цена и на сопствено шиканирање тргува со него како на сточен пазар, а со полна уста евроинтеграција и прогрес? Каква е смислата да се поддржи некаква политичка опција што пред избори ветува едно, а откако ќе ја добие довербата го прави спротивното?

Ставаш потпис на барање за интерпелација на Владата на потврдено неспособните, корумпирани и до зла бога забегани и кога треба само уште да го стиснеш тастерот и да ги фрлиш на буништето на историјата, правиш коперникански пресврт, лижеш каде што само до пред малку си плукал и им се придружуваш?! И потоа очекуваш некој да те третира сериозно како човек и како партија?

Вакво поигрување со суштината на демократскиот процес никогаш и никаде не донесува ништо добро. Кој не го разбира тоа, нека се подготви да го однесе орканот што наближува и се засилува со секој изминат ден. Трпението на мнозинството македонски граѓани, кои си ја сакаат земјата и од чија цркавица се храни незаситниот двоглав аждер на власт, не да е при крај, туку е само прашање на време кога ќе експлодира насобраниот гнев.

Ако незадоволството не биде канализирано низ институциите на системот преку предвремени парламентарни избори во најкус можен рок, тоа кога-тогаш ќе се излее на улица. И тоа не е никаква закана или новинарско претерување, туку емпириски потврдено сознание од едно чудо вакви состојби и на други места низ светот.

Ниту една окупација, колку и да е перфидна и наизглед перфектна, не може да трае вечно. Тоа им е јасно и на Заев, и на Ахмети, колку и да мислат во моментов дека се недопирливи како маши во рацете на тие што и на Македонците, и на Албанците гледаат како на потрошен материјал во остварувањето на своите геостратешки интереси. Македонија ќе му го види грбот и на ова злосторничко здружение од домашен „произход“ што ја пустоши попосветено и посистематски од кој и да е странски окупатор.