„Македонија пат“ надвор од државна контрола, направи загуба од 2,5 милиони евра

Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, порано познато како „Македонија пат“, за прв пат лани направи загуба и тоа од 2,5 милиони евра. Дали ова е знак дека државата остава уште едно претпријатие вон контрола, по примерот на Железници – Транспорт и АД Пошта?

Извештајот што е објавен на јавното претпријатие кое ги санира патиштата, поставува сигнализација и ги одржува во зимски услови, покажува негативен резултат по долги години остварување минимални добивки кои некогаш достигнуваа и скоро милион евра

Обврските, најмногу кон добавувачи, се зголемени за 3,85 милиони евра за една година, а акумилирано сега изнесуваат 23 милиони евра. Треба да се признае дека 3 милиони евра се нови трошоци кои се со договорено одложено плаќање.

Ваквиот негативен резултат следува и покрај солидните приходи од 25 милиони евра што ги има некогашен „Македонија пат“. Само за услуги биле потрошена неверојатна сума од преку 8 милиони евра. Дури 6,5 милиони евра се запишани како трошок за „останати услуги“, кои најчесто се ангажирање на транспорт и зимска служба од трети лица.

Трошоците за една година се зголемиле за 40 отсто и се бара дополнителна финансиска помош од Владата. Претпријатието инаку се финансира со пари од ЈП „Државни патишта“, а лани субвенции давала и Владата.

Претпријатието лани го водеше Беким Мемеди, а од почетокот на годинава директор е поранешниот пратеник Костадин Ацевски.

Според кварталните извештаи од Министерството за финансии, „Македонија пат“ и во првата половина на 2022 работи со негативен резултат.

Извор: Фактор.мк