Јуриј Пилипсон, директор на Четвртиот европски оддел на Министерството за надворешни работи на Русија, најави дека „билатералните врски ќе патат“ откако Македонија ѝ воведе санкции на неговата земја поради воената интервенција во Украина.

„Северна Македонија и Црна Гора, за жал, паднаа под влијание на Западот, не успеаја да формираат никаква самостојна политика во украински правец и пристапија кон режим на фронтални санкции. Тоа неминовно ќе ги погоди и самите нив, компликувајќи ја и онака тешката економска ситуација. Се разбира, билатералните врски со Русија ќе патат. За сето тоа предупредувавме долго и повеќе пати. Треба да се потсети дека непријателската линија на локалните челници кон нашата земја не ужива поддршка од јавноста. И покрај обидите на Западот да наметне деструктивно едноумие, граѓаните на овие земји се во состојба да создадат објективна слика, да ја одвојат пропагандната лага од фактите“, изјави Пилипсон во интервју за руската агенција РИА Новости.