Отворањето фронт со медиумите е однапред изгубена битка. И сигурен знак дека им гори под нозете. И дека деновите (на власт) им се изброени. Покажаната нервоза со етикетирањето на телевизиите Алфа и Телма само потврдува дека се свесни за тоа оти им се ближи крајот. Повеќе не е прашање дали, туку кога ќе се збогуваат со удобните фотелји.
Али Ахмети го трча последниот круг на политичката сцена во Македонија. Разидувањето со „огнените“ неминовно води кон раскол во досега наизглед монолитната Демократска унија за интеграција, па колата што забревтано јури надолу по патот нема да ја запре ни евентуалното делење на владиниот колач со Алијансата за Албанците. Арбен Таравари може само да им купи време на Али и на интегративците, пред и двете партии да се соочат со гневот на избирачите за урнисаната верба во подобро утре – првите како директно одговорни за тоа, а вторите како соучесници, ако им се придружат на бродот што тоне. Јасно искажаното „чудим“ од американската амбасадорка Анџела Агелер за начинот на кој беше избран новиот јавен обвинител Ислам Абази, кој „случајно“ се има сликано со „половина“ ДУИ, како и нејзиниот повик за конечно расчистување со корупцијата, во кој само наивните не ги препознаа властодршците во веќе 19 од последните 21 година, зборуваат сè.
Давајќи му поддршка на Ахмети, за кој неподобната Алфа и до вчера „провладината“ Телма биле непријатели на Албанците, пак, Димитар Ковачевски само се дозакопа. Не оти досега некој го есапеше за респектабилен фактор, но појасот за спасување што му го фрли на владиниот партнер само потврди колку е зависен од него. Без поддршката од почесниот доктор на науки, Таче ни на сон не би бил премиер и тој тежок хендикеп пред следното изборно соочување нема да го одржи на функцијата ни со лажната проевропска коалиција на СДСМ со партиите на Албанците од Македонија што ја заговара вицепремиерот Бојан Маричиќ. Од едноставна причина што за тоа не можат да сметаат на БЕСА, која тоа јасно им го даде на знаење со неодењето на „бакни рака“ кај Еди Рама во Тирана неодамна. Со триумфот среде Тетово на локалните избори, партијата на Билал Касами не само што го урна митот за непобедливост на ДУИ, туку ги увери и Албанците дека нема зошто така да не биде и на парламентарните.
Впечатокот кај добар дел од јавноста дека најнеспособната влада во македонската историја се одржува на апарати од „меџународната“ додека не го испорача и внесувањето на Бугарите во Уставот колку што звучи логично, толку и не. На реприза на силувањето на демократијата со уценувањето на осумте опозициски пратеници за нивниот глас за „Северна“ овојпат никој не инсистира, колку и да се унисони пораките однадвор во поглед на бугарското условување за откочувањето на македонските евроинтегративни преговори. Балканските методи што пред четири години ги препорача тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан буквално ја втераа Македонија во НАТО, за да ја оттргнат од можноста вакуумот да го пополни Русија, но сега нема таков притисок за членството во Европската унија. Не дека ќе престанат повиците за уставни измени, напротив, но среде војната во Украина, на која не ѝ се гледа крајот, тоа е далеку од императив и на Брисел, посредно и на Вашингтон.
Навистина, на двоецот со кормилар (во Мала Речица) му остана само картата на задоволување на Софија за да им се додвори на центрите на моќ однадвор што му прогледуваа(т) низ прсти за невидената корупција, непотизам и партизација на институциите, расипништво кога мора да се штеди, јавашлак и тотална неодговорност. Духовитата забелешка на твитерџија дека „изградија 500 км патишта, од кои 2 км во патниот и 498 км во воздушниот сообраќај“ најдобро дефинира што направија во овие пет години, наспроти бесрамните фалби.
Сето тоа може да се смени со – пенкало. Но, редовниот термин за изборите е средината на следната година, а Македонија нема (толку) време за чекање. Слободниот пад од 2017 година наваму во речиси сите области под командната палка на „седесето“ и на „ДУИнг бизнис“ не овозможува таква комоција. Илузија е да се очекува да им тргне на тие на кои им оди само во товарењето на своите камили, а богами и камилари. Со секој изминат ден се зголемува и потребниот период за оваа кутра држава и нејзиниот народ прво да застанат на нозе, а потоа и да тргнат напред, откога ќе им го видат тилот на некадарнициве.
Затоа, послужувајќи се со слоганот на криминалната приватизација од 1993 година изведена токму од партијата на Ковачевски, „зошто да чекаме?“. Само итни избори се можност и надеж за запирање на струполувањето во дупката што ѝ ја копаат на Македонија самозамислените државотворци и некогашните божемни борци за права. Па, нека изберат граѓаните кој да ги води во наредните четири години и да го остварува ветеното, а не одново и одново тоа што не го најавил во предизборната програма (како менувањето на државното име и на Уставот). Тоа не е само обична флоскула, туку насушна потреба на оваа земја исцрпена од дворските игри на разни тачевци и алиевци и на нивните дворски шутови. Веќе не се ни смешни, зошто ѓаволот одамна ја однесе шегата.