Поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, Александар Јорданов, продолжува да се сити на фудбалските порази на Македонија, извлекувајќи навредлив заклучок и по дебаклот во Манчестер, откако по тој од Украина заклучи дека „сè додека се антибугари, така ќе биде“.

„МОЖЕБИ НАВИСТИНА БОГ Е БУГАРИН?


Што слушам? некои си светски непознати Англичани ја столчиле во фудбал, и тоа со СЕДУМ спрема НУЛА (7:0) нашата соседна светски позната ‘библиска држава’ Северна Македонија.

Заклучок: значи таа држава не е библиска. Зошто, ако беше библиска, тогаш Господ немаше да дозволи да го оствари овој срамен и понижувачки пораз. Освен ако и Тој, вечна му слава, не е Бугарин, како што впрочем тврдеше уште пред 30 години еден добро познат фудбалски коментатор“, напиша Јорданов на Фејсбук.

Амбасадорот на источниот сосед од 2001 до 2005 година не го коментира болното реми 1:1 на Бугарија со Србија пред своите навивачи во Разград, исто така во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија, со гол примен во последните секунди од шестминутното надополнување на времето.

Со две нерешени и два пораза, Бугарија е претпоследна во групата Г, во која се уште Унгарија, Црна Гора и Литванија.