Јавниот долг до крајот на годинава ќе ја пробие психолошката бариера и ќе биде над 60 проценти од БДП. Државата се задолжува за да се справи со последиците од ковид-кризата. Опозицијата забележува дека „должничкото сценарио станува драматично“.

Парите што ги позајмува државата за да се справи со последиците од ковид-кризата го зголемија прагот на јавниот долг. Државата сега должи околу 6,5 милијарди евра, што е 59,5 отсто од Бруто домашниот производ(БДП). До крајот на годината се предвидува дека долгот ќе порасне и ќе изнесува 60,5 отсто од БДП. Најголем дел од парите, над четири милијарди треба да се вратат на странски кредитори, останатите им ги должи на домашните. Јавниот долг го сочинуваат парите што ги должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, според критериумите на Светска банка. Кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.

За справување со кризата владата најави четврт сет на економски мерки за помош на стопанството и граѓаните, а за тоа треба дополнително да се задолжува. Според Владата, четвртиот сет на мерки ќе тежи 470 милиони евра.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека задолжувањето ќе биде дома, нема да се бараат пари од странски банки и институции. Власта планира да се задолжи кај домашни банки и да троши пари од државните депозити.

„Од депозити се обезбедуваат 100 милиони евра и до 150 милиони евра преку домашно задолжување, зависно од тоа колку би биле потребите“, рече министерот Бесими. Годинава веќе државата се задолжи и со еврообврзница во висина од 700 милиони евра.

Бесими во интервју за Радио Слободна Европа рече дека на краток рок е можно зголемување на јавниот долг.

„Во период на криза, кога нема раст на БДП, нема приходи, а има сериозни потреби за расходи, тогаш едноставно решение е задолжување на краток рок, но на среден рок ќе се стабилизира висината на долгот, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Радио Слободна Европа.

Податоците што ги објави економскиот институт „Фајнанс тинк”, покажуваат дека јавниот долг во вториот квартал од годинава изнесува 59,6 проценти од БДП. Ова е најголем јавен долг од 2003 година.

„Обезбедените средства за време на Ковид-19 од близу една милијарда евра се доволни да го финансираат предвидениот буџетски дефицит во 2020 година и отплатата на еврообврзницата од 270 милиони евра во декември 2020, но продолжените економски ефекти од пандемијата и обврзницата која достасува во јули 2021 година во вредност од половина милијарда евра ги зголемуваат потребите за финансирање и притисокот врз јавниот долг“, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“.