Двете контролни средби со Словенија и со Казахстан недвосмислено потврдуваат дека во фудбалската репрезентација на Македонија лежи неспорен потенцијал, кој навестува експлозија на претстојното Европско првенство. Не, не станува збор за никаква патетика или преголем оптимизам – кој го знае фудбалот, макар и површно, едноставно, не може, а да не ја почувствувал таа синергија во македонските редови, таа огромна желба за докажување, за показ дека под ова парче небо се игра и тоа како квалитетен фудбал.

Добро, Словенија и Казахстан, кои не изборија настап на европската фудбалска смотра до која нè дели само една седмица, можеби не се вистинскиот репер за можностите на избраниците на селекторот Игор Ангеловски. Но, заедно со величествениот триумф над Германија на нејзин терен во мундијалските квалификации, веќе нема дилеми дека „црвено-жолтите“ имаат квалитет за да се носат најмалку рамноправно со кој било фудбалски состав од стариот континент.

По цели три децении чекање, македонските фудбалски легенди Панчев, Савевски, Јаневски, Најдоски, Канатларовски конечно имаат достојни наследници во Елмас, Алиоски, Ристовски, Барди, Велковски, предводени од „Гранде“ Пандев. Во овие момчиња од небо се гледа неизмерливо количество глад за успех, неверојатна енергија, сплотеност, самоувереност. Во нивните жили тече врела македонска фудбалска крв, заедништво несоборливо од никакви етнички, верски или не знам какви различности. Сите до еден дишат како едно.

Токму тоа е најголемиот македонски адут пред дебито на еврошампионатите. Австрија и Украина во Букурешт се противници по мерка за валоризација на несомненото фудбалско знаење што ова парче земја го правеше препознатливо во поранешна Југославија. Вардар тогаш беше синоним за тврд орев, за македонски пркос, еден вид репрезентација на Македонија пред времето. Овие момчиња неодоливо навраќаат и потсетуваат на времето кога да се навива за Вардар подразбираше, пред сè, да се чувствува нескротлива љубов кон Македонија.

Ова што го имаме денес како национален тим е, всушност, идеална проекција на соништата на сите тогашни и сегашни фанови на црвено-црната гордост на фудбалска Македонија. Ние што тогаш кисневме на западната трибина на Градскиот стадион во Скопје, што со гордост носевме на вратот црвено-црн шал сплетен од нашите баби, зошто тогаш немаше фан-шопови, а по секоја победа низ прозорците на градските автобуси пресреќни го веевме вардаровото знаме сошиено од нашите мајки, со солзи-радосници ги славиме сегашните македонски фудбалски херои. Наследници на тие своевидни македонски репрезентативци што ја пронесоа славата на Вардар во времето кога во Македонија се чинеше дека има повеќе навивачи на Звезда, Партизан, Динамо, Хајдук.

Македонија може! Дефинитивно. Само Мрме да ги задржи цврсто на земја. Да не ја повторат грешката на некои други генерации што многу ветуваа, но изгореа во желбата. Само да го сочуваат до Букурешт и Амстердам тој жар во градите за борба за боите на Македонија, но со ладни глави да влезат во вистинските предизвици што ги очекуваат.

Можат! И тоа многу! Трпеливост само. Ветер во грбот сигурно ќе имаат, барем на Националната арена во главниот град на Романија. А кога ќе грмне „фалангата“ од трибините, и најсмелите соништа стануваат стварност. Прашајте ги ракометарите, кошаркарите…

Сега му е мајката! Со Господ напред!