Секојдневно се умножуваат и се засилуваат нападите врз се што е македонско, во ситуација кога се уште не е покренат македонскиот колективен отпор против одмакедончувањето на Македонија. Зборот ми е за новото предавство, кое се готви со Бугарија, но зборот ми е и за Преспанскиот договор и за сите семожни преземени обиди за уништување на Mакедонија, на македонската нација и воопшто на македонизмот во последниве неколку години. Македонија е, навидум, „мртво море“ во кое нема никакви подвижувања и со кое секој, кој било да е, може да направи што сака и кога сака. Но, јас ја отфрлам таквата поразителна, дефетистичка констатација, колку и да таа привидно заличува на вистина.

Време е за колективно дејствување од состојбата на Моќ, за одбрана на Македонија

Имам запомнето став на еден врвен економист, добитник на Нобелова награда за економија, кој има кажано дека новиот развоен циклус, најголемото покренување и вложување на севкупните физички и материјални сили, треба да се прави токму во моментите на најголеми кризи како најдобар начин за надминување на кризата и проблемите. Во секој миг од своите животи ние имаме право на избор: да дејствуваме од состојбата на моќта, или на немоќта. Кога дејствуваме од состојбата на Моќта, тогаш ги земаме работите во свои раце и ја менуваме ситуацијата, правиме добро за себе и за другите, го правиме овој свет поубав и подобро место за живеење. Кога дејствуваме од состојбата на немоќта, тогаш сме опфатени од страв, од грижи, се понижуваме себеси и ги губиме своето лично и национално достоинство.

Оттука, време е за колективно, општонародно дејствување, време е најпрвин за организирање на најумните, најспособните и најподготовените луѓе од македонскиот народ, заради најитно сопирање на сево ова што се прави за конечно и темелно решавање на „македонското прашање“: да ги снема Македонците како народ со свој идентитет, со свои обичаи, јазик, со своја автентична и пребогата култура и самостојна историја. И не само сопирање, туку и за елиминирање на она што започнало да го сотрува македонизмот: за поништување на „Преспанскиот договор“ и на „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, што ќе значи најбрзо враќање на името Македонија на нашата татковина. Постоењето на таа креатура со име „северна“ е тешка и недопустлива навреда за секој Македонец со чувство на национална самопочит, а таквите се доминантни во севкупниот македонски национален корпус. Исто така, неопходно е многу помалку колумни, многу помалку „патриотизам на тастатура“ преку објави на фејсбук, твитер и другите општествени мрежи, многу помалку било чии партиски прес – конференции и соопштенија, а многу повеќе конкретно дејствување меѓу народот и на меѓународен план.

Во оваа смисла првин ќе потсетам на исклучително значајниот повик на Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности, кој во својата предновогодишна колумна во „Нова Македонија“ кажа: „Време е да ставиме крај на понижувачките политики и на недемократското дивеење, што се манифестираат преку распуштеното, разуздано и бесно однесување на политичарите. На нашава разнебитена, подвоена, опустошена, понижена и траурна Македонија, ѝ посакувам просперитетна, демократска и достоинствена иднина. Но тоа нема да се случи ако не дојде до будење на колективниот ум, активирање на умните и мудрите луѓе, на кои можеме да се потпреме, и ако не дојде до искажување на една визија, проследена со предлози за конкретни акции. Да не чекаме утре, да го направиме тоа денес, да се потсетиме на ‘Денес над Македонија’ во знак на протест поради сите оние предавници на македонскиот род, според кои ‘Македонците постојат од 1944-та, а Бугарите се постар народ“.

Елајте при нас“, за да се земе својата судбина во свои рацеиницијатива за формирање „Македонија 21

Во оваа смисла, јавно покренувам иницијатива за формирање национално и граѓанско движење под име „Македонија 21“, чие јадро првин треба да се оформи од редовите на академиците, научниците, сите оние интелектуалци, кои уште од првите мигови се противставија на бришењето на државата Македонија и креирањето на „северна“, против разнебитувањето на македонскиот идентитет. Ги повикувам Љупчо Коцарев, Катица Ќулафкова, Митко Маџунков, Митко Панов, Елка Јачева – Улчар и сите оние кои се за возобновувањето на Македонија, да се организираат и токму во Македонската академија на науки и уметности, како највисока институција на македонизмот, веднаш да пристапат кон формирањето на Движењето „Македонија 21“. Зошто баш во МАНУ? За разлика од „Парталментот“ и оваа антимакедонска Влада, МАНУ е се уште Македонска академија и формирањето на ваквото македонско Движење таму, од највисоки и најугледни претставници на македонската нација, кои ќе ја застапуваат нејзината политичка волја, ќе биде најсилен факт, кој меѓународните фактори – спонзори на „северна“ нема да можат да го игнорираат откако ќе започнат активностите за повторното „помакедончување на Македонија“ и за фрлање на „северна“ на ѓубриштето на историјата.

Прв и најпотребен потег на Движењето „Македонија“ ќе мора да биде изготвување своевидна „Бела книга“ за Бугарија: концизен научен текст за вистинските корени на македонскиот народ и за корените на бугарскиот народ, колку двата народа имаат „заедничка“, а колку различна и спротивставена историја

Натаму ќе треба да се отворат портите на тоа движење за секој политички активист, за секој добронамерник, кој ќе биде искрено подготвен да ги вложи своите умствени и физички сили за будењето на духот на македонскиот народ, за возобновување на македонската држава, но и за осмислување на натамошните правци на внатрешниот и надворешниот развој и просперитет на Македонија. Во даден час поскорешен момент ќе мора активностите на „Македонија 21“ да преминат и на повисоко рамниште: да бидат надополнети и со практичното спроведување на принципите на партиципативната демократија, поедноставно кажано, народот да си ја преземе својата судбина во свои раце…

Зошто реков Движење „Македонија 21“? Нашите мудри прадедовци – Илинденци во „Крушевскиот манифест“ упатиле повик „Елајте при нас“ на сите „без разлика на вера, народност, пол и убежденија“ против „муртатите шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња“. Потребна е колективна активност, заедничка енергија на сите на кои Македонија им е важна. Првата цел на „Македонија 21“ е одбраната на и унапредувањето на Македонија и македонизмот, но втората цел е градење заеднички живот во Македонија како унитарна држава на македонскиот народ и заедничка татковина на сите оние што живеат во неа.

Мнозинството на македонскиот народ не се помирува со предавствата и уништувањето на Македонија

Јас не се согласувам со ставот на сите оние експерти, аналитичари и колумнисти, кои велат дека „клекнал духот на македонскиот народ“ и кои на младите им порачуваат најбргу да избегаат од оваа „недојдија“, „проклетија“, „небиднина“… Јас сум премногу сигурен дека мнозинството на македонскиот народ не го загубило чувството за своето „македонско јас“, оти тоа мнозинство веќе „врие“, дека и од политички и од социоекономски причини револтот секој ден нараснува се повеќе, но и оти луѓето се сардисани од сиромаштијата, од националните понижувања, па и оттука е оваа привидна пасивизираност. Потребни се само дејство и предводење на веќе создадената „критична маса“ на македонскиот народ и сите незадоволници и добронамерници, без оглед на етничка припадност, вера и убедувања.

Во својата антологиска песна „Копачите“, Кочо Рацин напиша: Се к’ти ноќта црна!; Се рути карпа — мрак!; … силно светнал ден! …“ Време е, значи, да се урне таа „северна карпа – мрак“ и „силно да светне ден“, новиот ден на Македонија! Движењето „Македонија“ мора да започне да го буди и да го крева македонскиот народ, да се пристапи кон координирани активности со сета македонска дијаспора во Европа, во САД и Канада, во сиот свет, да се започнат се поинтензивни обраќања на научните институции и работници кон европските политички и културно – научни институции и форуми со аргументирани укажувања дека македонскиот народ се спротивставува на сите обиди за негово уништување со барања за возобновување на македонската државност.

Самосталното политично развиiаiн’е на Македониiа iет необходност, за сочувуаiн’е на нашата национална самобитност

Најпрва цел е масовно спротивставување и отфрлање на „компромисите“ кон Бугарија, заради отворање на европреговорите. Ниедна божемноевропска цел и вредност не се достојни ниту вредни, заради нив да се откажеме од тоа што биле нашите претци, од тоа што сме ние сега и од тоа што ќе бидат нашите потомци, да се откажеме дека сме Македонци со свој јазик, идентитет и историја! Со сите методи на политичката и парламентарната борба, но и со други активности институционални и вонинституционални, ВМРО ДПМНЕ мора веднаш да преземе активности за сопирање на најновото предавство на македонските национални и државни интереси, мора да ја одбрани „Резолуцијата за македонските црвени линии“, која самата оваа партија ја поднесе во Парламентот. Оваа Влада, која го готви новото предавство, мора да биде урната и пред да биде конституирана.

Ивица Боцевски во својата предновогодишна колумна порача дека е време за „враќање кон Македонија“, за „нужен процес на обнова на македонската државност, преобмислување на македонската демократија и вдахнувањето нов живот на македонскиот идентитет“. Но мора и секогаш да ги имаме на ум тестаменталните зборови на Крсте Мисирков од „За македонцките работи“, откако тој аргументирано дава позитивен одговор на сопственото прашање „Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица?“: „Ниiе, Mакедонците, имаме своiа историiа и сме народ …имат во нашата историiа много самобитно и своiеобразно… Пропагандите бугарцка и србцка употребуваат сите и дозволени и не дозволени стретства да искоренат во нашиiот народен жиот се самобитно, се чисто македонцко. Самосталното политично развиiаiн’е на Македониiа iет необходност, као нешчо, без коiе ниiе не ке располагаме со доста стретства да се бориме со пропагандите за сочувуаiн’е од ниф нашата национална самобитност.“ Македонија веќе беше „оддел’на етнографцка и политична іединица“, повеќе од седум децении, и време е таа повторно да биде таква „іединица“ во меѓународните односи.