Лесна и уверлива победа од 33:24 на ракометната репрезентација на Македонија против Финска во Скопје на стартот од квалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2022 година.
Освен до средината на првото полувреме, кога гостите водеа со 5:4, па „црвено-жолтите“ свртеа на 10:5, тимот на Данило Брестовац покажа дека е за класа подобар од финскиот, дури и во последните 15 минути, кога на паркетот во „Борис Трајковски“ шанса доби вториот состав.
Капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен на средбата со 11 гола, 8 од нив од пенал, Филип Кузмановски постигна 6, а Жарко Пешевски и Бојан Маџовски по 4.
Бекот Макс Гранлунд со 10 погодока и голманот Микаел Макела со 14 одбрани беа единствените светли точки меѓу избраниците на шведската ракометна легенда Ола Линдберг.
Во следното коло в сабота од 18:30 часот Македонија ќе ѝ гостува на Швајцарија во Цуг.