Осумчлената македонска репрезентација на претстојните Олимписки игри во Токио не оди само да учествува, туку и да се врати со медал.

Адути за второ олимписко одличје по бронзата на Могамед Ибрагимов во борење слободен стил во Сиднеј 2004 се таеквондистот Дејан Георгиевски и борачот Магомедгаџи Нуров, единствените со исполнети А-норми во македонскиот тим.

„Мојата цел не е само да учествувам на Олимпијадата, туку и да освојам медал. Јас во Токио ќе бидам еден од најдобрите 16 таеквондисти. Повеќето од противниците веќе ги имам победувано и верувам дека ќе можам да се вратам со медал, и тоа не со каков било, туку со златниот. Едноставно, сигурен сум дека на овие ОИ можам да го победам секој противник“, вели Георгиевски, кој во олимписките квалификации го победи златниот од последните ОИ.

Европскиот вицешампион Георгиевски на свеченото отворање ќе го носи знамето на Македонија, а според новите правила што налагаат знамето на земјата-учесник да го носат маж и жена, друштво како знаменосец ќе му прави и џудистката Арбреша Реџепи.

Боите на Македонија во Јапонија ќе ги бранат и пливачите Миа Блажевска Еминова и Филип Дерковски, атлетичарот Јован Стојкоски, стрелачот Борјан Бранковски и каратистката Пуликсенија Јовановска.