Ракометната репрезентација на Македонија славеше со 23:22 против Грција во вториот контролен натпревар во Солун, во кој домаќинот имаше судиска помош во второто полувреме исто како во вчерашното реми 29:29 во „Домот на ракометот“ во Микра.
И во реваншот „црвено-жолтите“ имаа предност на одморот, овојпат со 12:10, осум минути пред крајот имаа и водство од 20:17, пред Грците да израмнат со три врзани гола, но одново финишот им припадна на избраниците на селекторот Кирил Лазаров, сега за целиот плен, откако синоќа се спасуваа со два погодока во финишот.
Серафимов со 5 гола беше најефикасен во македонскиот состав, Велкосвки постигна 4, а Талески 3.
Двомечот со јужниот сосед е дел од подготовките на двете селекции за Европското првенство во јануари во Германија, а Македонија и Грција ќе спарингуваат меѓусебе и по Нова година во Скопје.