Иако го отвори резултатот и два пати ја погоди рамката на противничкиот гол, фудбалската репрезентација на Македонија загуби со убедливи 3:1 во пријателскиот натпревар со Азербејџан на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Како и во ремито 1:1 со Финска во средата, Енис Барди беше стрелец на единствениот гол на „црвено-жолтите“ во 25. минута, и овој пат од пенал, но по израмнувањето преку Елвин Цафаргулиев во 38. минута сè се сврте во полза на гостите за да стигнат до првата победа во седмиот меѓусебен дуел.

Прво, Македонија остана со играч помалку по исклучувањето на Бобан Николов поради втор жолт картон во 52. минута, а по водството на Азербејџанците преку Муса Курбанли во 65. минута ударите на Јани Атанасов и на Барди надвор од шеснаесетникот завршија во пречката.

Силите на теренот бројчано се израмнија 15 минути пред крајот по директниот црвен картон за Хојат Хагверди за нагазувањето на Ваљон Етеми, но надежта за избегнување на поразот ја згасна Рамил Шејдаев во претпоследната минута од последниот настап годинава за избраниците на селекторот Благоја Милевски.